Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека Северна Македонија има место во Европската Унија и дека Европа е подготвена да ја поддржи земјата во процесот на интеграција.
„Мојата порака е јасна – вие ни припаѓате нам, на масата во Европската Унија“, изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата.
Таа го поздрави напредокот на земјата во рамките на Планот за раст, нагласувајќи дека Северна Македонија досега добила 140 милиони евра, а дополнителни исплати се очекуваат во наредните недели.
Фон дер Лајен потсети и на Преспанскиот договор, оценувајќи дека тој бил пример за политичка храброст и одлука со која била отворена вратата за членството на Северна Македонија во НАТО.
Таа посочи дека земјата е значаен партнер и во областа на безбедноста и одбраната, нагласувајќи ја поддршката на Северна Македонија за Европската Унија.
Во однос на евроинтегративниот процес, Фон дер Лајен истакна дека пристапните преговори започнаа во 2022 година, а скрининг процесот бил завршен за помалку од една година.
Според неа, сега останува еден клучен чекор за да може процесот да продолжи и да се отвори првиот Кластер – „Темели“.
„Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага Европа. Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик“, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека македонскиот јазик и култура можат да ја збогатат Европската Унија, повикувајќи се на европското мото за единство во различноста.
Говорејќи за Планот за раст, Фон дер Лајен посочи дека земјата направила значителен напредок во спроведувањето на реформите, кои треба да овозможат постепено приближување на економијата кон единствениот европски пазар.
Како примери ги наведе приклучувањето кон СЕПА, со што се намалуваат трошоците за одредени трансакции, како и разговорите за намалување на трошоците за роаминг.
Фон дер Лајен го посочи и центарот „Везилка“ како пример за практична интеграција со европските структури, особено во областа на вештачката интелигенција.
Таа најави дека Северна Македонија ќе се приклучи кон новиот центар, што ќе им овозможи на компаниите пристап до европските капацитети и суперкомпјутерски ресурси за развој и обучување на модели со вештачка интелигенција.
„Се подготвувате, но се подготвуваме и ние, бидејќи проширувањето е двонасочен процес“, нагласи Фон дер Лајен.
Таа посочи дека, покрај земјите кандидати, и Европската Унија мора да се подготви за идното проширување, вклучително и преку промени во институциите, политиките и буџетот.
„Европа ќе остане покрај вас затоа што сакаме да ги внесеме луѓето на Северна Македонија во ЕУ. Ова е нешто за што сме решени“, порача претседателката на Европската комисија.






