Дискусиите за односите Скопје-Софија станаа репетитивни, и ако го следите известувањето на македонските медиуми постојано ја добивате истата порака. Бугарија не се откажува од своите позиции, од кои дел станаа европски консензус преку усвојувањето на Преговарачката рамка, додека Македонија се жали за негирањето на националната историја, јазик и идентитет и дека нема да прави нови отстапки се додека не добие некаков вид на гаранции за предвидлив напредок кон членство во ЕУ, базиран на критериуми, а не на билaтерални спорови и блокади.
И додека политичките „ровови“ стануваат сѐ подлабоки, се обидуваме да откриеме дали постојат алтернативи за придвижување на дијалогот со источниот сосед, но и воочување на одредени „слепи“ точки во односите кои може да се надминат користејќи се со претходни европски искуства за ваков вид на спорови.
Тинк-Тенк организацијата Естима излезе со предлог-документ „Од ќорсокак до дијалог“ кој одговара на прашањето дали има патоказ за придвижување во спорот меѓу Скопје и Софија и како истото да се постигне.
„Овој долготраен застој во регионот не одговара никому, а најмалку на Бугарија како земја од првата линија на ЕУ и НАТО. Преговарачката рамка е формално усвоена, но дипломатијата секогаш наоѓа начин“, вели Златко Симовски, проектен менаџер во Естима, еден од авторите на посочениот документ.
Како да се продолжи во решавање на спорот со Софија околу уставните измени и примената на Договорот за добрососедство, и дали може да се воспостави дијалог?
Симоновски:Дијалог веќе постои, но тој треба да се интензивира. Не смееме да дозволиме контактите да се сведат на повремени средби и изјави преку медиумите. Секоја прилика за разговор треба да се искористи, на секое ниво. Идејата Европската Унија да посредува е добра и ние подолг период повикуваме улогата на ЕУ да се трансформира од пасивен медијатор во активен фасилитатор. Сепак, треба да имаме предвид дека Бугарија е членка на ЕУ, па тука постојат одредени ризици во однос на рамнотежата во процесот. Но ако сите страни пристапат фер и со искрена волја за решение, верувам дека пробив е возможен. Она што недостасува е јавна расправа за дел од идеите. Не слушаме многу за одредени предлози за тоа како да се излезе од ќорсокакот. Можеби дел од идеите што се разгледуваат зад „затворени врати“ треба да се изнесат во јавноста, за и стручната јавност да го даде своето мислење. На тој начин би се создала и атмосфера на дијалог, наместо атмосфера на недоверба. Тоа би можело да биде основа за нешто поконкретно од страна на оние што носат одлуки во двете земји.
Може ли да се „мотивира“ Софија да седне повторно на преговарачка маса, со оглед на актуелната позиција, особено на новиот бугарски премиер и претходно претседател Румен Радев, дека е усвоена преговарачката рамка како усогласена европска позиција врз база на консензус и дека истата повеќе не може да се менува?
Симоновски:Може и тоа треба да се прави. Главниот аргумент е дека и Бугарија губи кога Македонија стои во место. Блокираниот процес не носи ништо ниту за двете земји, ниту за бугарската заедница во Македонија, чии права Софија вели дека сака да ги заштити. Македонија што напредува кон ЕУ е подобар сосед, подобар економски партнер и поголема гаранција за стабилност на границата на Унијата. Освен тоа, сегашните геополитички превирања ги надминуваат унилатералните резолуции, било да се усвоени во Софија или во Скопје. Војната во Украина, влијанието на трети сили на Балканот и безбедноста на Европа ги менуваат приоритетите. Во таков контекст, долготраен застој во регионот не одговара никому, а најмалку на Бугарија како земја од првата линија на ЕУ и НАТО. Преговарачката рамка е формално усвоена, но дипломатијата секогаш наоѓа начин. Може да се бараат решенија што ќе ја заштитат резолуцијата на бугарскиот парламент, а воедно ќе ги почитуваат македонските црвени линии, на пример преку толкувања, дополнителни гаранции, редоследот на чекорите или временската рамка на уставните измени. За ова е потребен разговор, не изјави преку медиумите.
Кои се слепите точки во македонската политика и медиуми кога се во прашање односите со Бугарија, особено по ветото за продолжување на европската интеграција и условот за примена на уставните измени за вклучување на бугарското малцинство?
Симоновски:Мислам дека нема многу слепи точки. Во овие четири години блокада добро знаеме како стојат работите, барем кога се во прашање црвените линии на двете страни. Но, мора да бидеме свесни дека губиме додека стоиме во место и дека треба да бидеме проактивни, со сопствени идеи и предлози, наместо само да реагираме. Постои празнина во знаењето за тоа како работеле слични историски комисии во минатото. Јавноста знае дека постојат такви примери, како германско-француската или германско-полската комисија, но многу малку знае за тоа како тие навистина одлучувале и како се договарале. А токму тоа е поучно. Дел од нив прифатиле дека за одредени прашања може да постојат различни толкувања и тоа го запишале во своите протоколи. Затоа треба да бараме искуства од минатото, а не само примери. Не е доволно да кажеме „и Германија и Франција се договориле“. Треба да знаеме како, колку време им требало, кои компромиси ги направиле и што оставиле отворено. Тоа е знаење што и на политичарите, и на медиумите, и на јавноста би им помогнало да разговараат посуштински за нашиот случај. Инаку, ние имаме перцепција дека Бугарија извојува голема победа со Францускиот предлог, но во Бугарија неговото усвојување предизвика политички потрес со сериозни последици и бугарската страна смета дека веќе направи повеќе отстапки. Тоа не е максималистички став на националистичките партии, туку позиција на умерените политички чинители кои имаат волја и интерес да се најде решение.
Темата секако се користи премногу во дневната политика, но надвор од таа дебата дали ова прашање може поинаку да се третира и кои ресурси треба да бидат вклучени од страна на државните институции, но и во јавниот простор?
Симоновски:Повторно, може и мора. Односите меѓу две земји не се само политика. Тие се и култура, туризам, транспорт, економија и секојдневен контакт меѓу луѓето. Токму во тие области има најмногу простор за соработка што носи корист за двете страни. Министерството за транспорт покажа дека и тешки прашања можат да се решат во заеднички интерес, особено со напредокот во изградбата на железничката врска меѓу двете земји. Тоа е проект што ги поврзува луѓето и економиите без оглед на политичките несогласувања. Такви иницијативи ни требаат повеќе, и затоа велам дека ни требаат идеи и предлози. Културата и туризмот исто така можат многу да придонесат преку заеднички фестивали, изложби, туристички рути и соработка меѓу пограничните општини. Посебна улога имаат медиумите. Потребна е медиумска размена за теми што не се сведуваат само на политика, со заеднички приказни, а не приказни што нѐ делат. Кога новинарите од двете страни ќе почнат да известуваат за она што луѓето го живеат, а не само за она што политичарите го изјавуваат, ќе се промени и атмосферата во која се донесуваат одлуките.
Потребно ли е да се вклучи директно и Европската Унија како своевиден медијатор во еден таков обновен дијалог меѓу Скопје и Софија и дали тоа ќе значи нов дисбаланс во односите, со оглед на тоа што Македонија е кандидат за членство и ги нема на располагање истите позиции и алатки како Бугарија која е полноправна членка на ЕУ?
Симоновски:Тука постои еден парадокс. Бугарија е членка на ЕУ, а ние не сме, и тоа објективно создава нерамнотежа. Но, не гледам кој друг би можел да биде посредник освен ЕУ. Таа е најупатена во ова прашање. Верувам дека и САД го следат ова прашање, но тие во моментов се зафатени со други теми што за нив се многу поважни. Не велам дека нашето прашање не е важно, но се плашам дека многу тешко би се искачило на американската агенда над војната со Иран, случувањата на Блискиот Исток и претстојните избори во САД. ЕУ ќе биде внимателна, бидејќи значаен број земји-членки многу добро го познаваат проблемот, а некои од нив веќе изразија позитивно мислење за одредени наши предлози. Тоа е важно, затоа што во ЕУ одлуките се носат со консензус, но и со поддршка од пријателски земји. Нерамнотежата може да се намали ако во процесот активно се вклучат Европската комисија и земјите-членки што покажаа разбирање за нашите аргументи. Дополнително, на ЕУ би ѝ било од интерес да најде или создаде некоја рамка за решавање на билатералните спорови, особено оние кои вклучуваат ЕУ држава членка, затоа што нашиот спор со Бугарија не е единствениот кој влијае врз кредибилитетот на политиката на проширување и воопшто ЕУ во регионот.






