Нема поместување на ставовите на политичките партии околу новиот Изборен законик и покрај денешната повторна средба на работната група на иницијатива на министерот за правда Јетон Шасивари. Ниту на денешната средба не присуствуваа претставници од СДСМ кои за овој закон поднесоа околу 10.000 амандмани. Шасивари истакна дека целта на оваа средба е да му се даде втора шанса на законот и рече дека отсуството на СДСМ од средбите претставува хендикеп за овој процес и затоа очекува на идната средба да бидат и тие присутни.
„Целта на оваа средба беше да уште еднаш си сослушаме сите аспекти хронолошки на овој процес кој што се одвиваше 4 месеци и е дел од реформската агенда. Во следниот период ќе се обидам да воспоставам контакт со пратеникот и претседател на Социјалдемократскиот сојуз господинот Филипче во Собрание за да бидат и тие на маса во наредната средба на работната група“, порача Јетон Шасивари..
По средбата партиите излегоа со непроменет став во однос на нивните предлози. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие инсистираат да има гласање на дијаспората, како што тие предлагаат, иако тоа се чини е и најголемиот камен на сопнување за постигнување договор со опозицијата.
„Сметаме дека е уставна обврска на државата да овозможи гласање на секој државјанин без разлика на местото на живеење. И затоа цениме дека би требало ова да биде заедничка обврска да го реализираме ова уставно право на дијаспората без разлика дали компромисот ќе биде електронско гласање или гласање по пошта“, порача Антонио Милошоски.
Од ДУИ велат дека предлогот на дел од партиите за една изборна единица е прифатлив.
„Факт е дека имаше различни предлози, за нас е прифатливо тоа како Демократска унија за интеграција една изборна единица, но за жал има различни предлози и остана во работната група претходното, односно решението кое во сила на Изборниот законик“, вели Блерим Беџепи.
Од Левица пак кои исто така имаат поднесено амандмани на Изборниот законик и тоа околу 3.000 и натаму инсистираат на правична распределба на средства за изборната кампања.
Од ЗНАМ пак очекуваат дека до 31 декември кога Македонија повторно ќе биде оценувана од Европската унија за сработеното од реформата агенда, да биде донесен Изборниот законик иако неговиот рок што го постави ЕУ измина на 15 јуни. Ставот на СДСM кој претходно го изнесоа е дека се против електронско гласање или гласање по пошта на дијаспората.






