Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во говорот на 81. заседание на Генералното собрание на ОН остро ја критикуваше политиката на Европската Унија кон Србија и Балканот.
Лавров оцени дека ЕУ „флагрантно ја игнорира“ Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и дека од Србија бара отстапки во врска со Косово и Метохија.
Според него, од Белград се очекува и воведување санкции кон Русија во замена за, како што ги нарече, „сомнителни ветувања“ за европска интеграција.
Резолуцијата 1244 беше усвоена во 1999 година и претставува клучен документ на Советот за безбедност на ОН што го уредува меѓународното присуство на Косово.
Шефот на руската дипломатија во својот говор се осврна и на состојбите во Босна и Херцеговина. Тој оцени дека продолжуваат обидите за слабеење на надлежностите на Република Српска и за промена на уставното уредување на БиХ, што го претстави како уште еден пример за политиката на Западот на Балканот.
Лавров значаен дел од обраќањето посвети и на војната во Украина. Тој ги обвини европските земји дека се обидуваат да спречат дипломатско решение на конфликтот и оцени дека потезите на Западот дополнително го нарушуваат европскиот безбедносен систем.






