Научничката со македонски корени, Светлана Мојсов, која е меѓу клучните истражувачи во откривањето и развојот на пептидот GLP-1, денеска го доби највисокото државно признание – Орденот „8 Септември“. Родена во Скопје, Мојсов во изминатите две години доби низа значајни меѓународни научни признанија за придонесот во истражувањата кои имаат големо значење за современиот третман на дијабетесот тип 2 и дебелината.
Голема во достигнувањата, скромна во душата. Ова е жената чие научно откритие денес има милиони животи во својата приказна. Од лабораторија до лековите кои го променија современиот третман на дијабетесот и дебелината. По низа светски признанија, денеска највисоко државно признание-Орденот „8 Септември“ го добива и од својата земја, Македонија. Светлана Мојсов, научничката со македонски корени чие име е запишано во една од најзначајните приказни на современата медицина.
Мојсов е родена во Скопје во 1947 година. Таа е ќерка на дипломатот и државник, Лазар Мојсов. Студиите по физичка хемија ги завршила на Природно-математичкиот факултет во Белград, а докторирала на универзитетот „Рокфелер“ во 1972 година, каде што ја продолжила научната кариера.
Во изминатите две години доби повеќе значајни научни признанија за придонесот во истражувањето и развојот на пептидот GLP-1, кој има важна улога во современиот третман на дијабетес-тип 2 и лекувањето на дебелината.






