Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, предупреди дека вештачката интелигенција би можела да предизвика настани со милијарда жртви доколку биде злоупотребена од злонамерни лица.
Во интервју за Ен-би-си, Гејтс оцени дека вештачката интелигенција е доволно моќна за да предизвика последици со катастрофални размери и повика на воспоставување соодветни правила и надзор врз развојот на технологијата.
-Вештачката интелигенција секако е доволно моќна да предизвика настани што би довеле до милијарда мртви – рече Гејтс, одговарајќи на прашањето дали технологијата би можела да го уништи човештвото.
Тој предупреди и на можноста моќните алатки за вештачка интелигенција да бидат искористени од злонамерни луѓе.
-Никогаш немало оружје толку моќно како комбинацијата од злонамерни луѓе и најновите алатки на вештачката интелигенција – изјави Гејтс.
Според него, саморегулацијата не е доволна и потребно е во процесот да се вклучат надлежните институции и политичарите.
Дебатата за регулирањето на вештачката интелигенција повторно се засили по серија хакерски инциденти, по што водечки компании, меѓу кои „Опен АИ“ и „Антропик“, најавија подготвеност да го забават развојот на технологијата.






