Поголема сигурност за земјоделците при пласманот на производите и појасна распределба на одговорностите меѓу производителите, откупувачите и преработувачите предвидува новиот Предлог-закон за уредување на пазарите со земјоделски производи. Законското решение беше претставено на јавна расправа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Министерот Борче Серафимовски посочи дека со законот се обединуваат повеќе области – организираниот откуп и договорните односи, пазарните информации, интервентните мерки при сериозни нарушувања, организирањето на производителите, училишните шеми, промоцијата на македонските производи и пазарните стандарди.
Предлогот не предвидува административно утврдување на откупните цени, туку правила за поголема транспарентност и механизми за навремено институционално дејствување.
Според предложените правила, писмениот договор меѓу производителот и откупувачот ќе се склучува пред испораката и ќе ги содржи количината, квалитетот, цената или начинот на нејзино пресметување, рокот за плаќање и поврзаните трошоци.
Со електронската евиденција и јавно достапните податоци за регистрираните откупувачи треба да се зајакнат следливоста и контролата во организираниот откуп. Предвидено е и воспоставување земјоделски пазарен информативен систем и национална опсерваторија, преку кои ќе се следат производството, понудата, побарувачката, залихите, цените, увозот и извозот.
Законот предвидува и поголема поддршка за организациите и групите на производители, со цел преку заедничко планирање, стандардизација на квалитетот и концентрација на понудата да се зајакне нивната преговарачка позиција.
Предвидени се и инструменти за јавна интервенција и поддршка за приватно складирање при сериозно нарушување или непосреден ризик на пазарот. Предлогот истовремено се усогласува со правилата на Европската Унија за заедничка организација на земјоделските пазари.






