Денеска (25.09.2026) директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, оствари работна средба со директорот на КПД „Скопје“, Оливер Станков, на која разговараа за унапредување и продлабочување на институционалната соработка во периодот што следи.
Безбедноста на граѓаните бара системски пристап, навремена размена на информации и координирано дејствување на сите институции кои имаат улога во спречувањето и сузбивањето на криминалот.
Јанев истакна дека фокусот ќе биде ставен на дополнително унапредување на моделот за размена на криминалистичко-разузнавачки информации, навремено препознавање на ризиците и спречување на криминалните активности да продолжуваат одвнатре кон надвор и обратно.
Во таа насока, заеднички ќе се работи на создавање поотпорен систем за рано предупредување и навремено реагирање, со јасна цел – поголема јавна безбедност и посигурно општество.
Посебен акцент ставија и на Одделот за тренинг и едукација, преку кој дополнително треба да се подигнуваат знаењата, професионалните стандарди и оперативната подготвеност на припадниците на затворската полиција.
Јанев потенцираше дека инвестицијата во знаење, размената на информации и заедничкото оперативно дејствување е инвестиција во безбедноста на граѓаните и во посилен безбедносен систем.
„Продолжуваме со конкретни чекори, со поглед кон иднината и со заедничка одговорност за безбедноста“, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.






