Како се влегува во Berghain, клубот во Берлин познат по една од најстрогите селекции на гости? Според легендарниот боунцер ( човекот на вратата) Sven Marquardt, нема формула – одлуката е субјективна.
На Instagram повторно стана вирален исечок со Marquardt, кој со години стоеше на вратата на познатиот клуб и беше еден од луѓето што одлучуваат кој ќе ја помине познатата врата.
„Сè е субјективно. Само неколкумина од моите луѓе смеат да избираат гости на вратата“, вели Marquardt во материјалот.
Но, според него, работата не е само во тоа да се одлучи кој ќе влезе.
„Чувствувам одговорност Berghain да биде безбедно место за луѓето кои доаѓаат само за да уживаат во музиката и да слават – да остане место каде што луѓето можат на кратко да заборават на просторот и времето и едноставно да уживаат“, објаснува тој.
Исечокот повторно привлече огромно внимание на Instagram, со повеќе од 50.000 лајкови за само неколку часа.
Сепак, станува збор за постар материјал, а не за ново интервју. Цитатот е поврзан со документарниот филм „Berlin Bouncer“ од 2019 година, кој ја следи работата на познатите берлински бунцери, меѓу кои и Marquardt.
Токму тој со својот препознатлив изглед и мистериозниот пристап кон селекцијата со години стана симбол на строгата политика на влез во Berghain.
А за оние кои се прашуваат што треба да направат за да влезат – одговорот на Marquardt е едноставен: нема правила што гарантираат дека ќе поминете. На вратата одлучуваат луѓето.






