Одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка по иницијативата на Левица за рамноправно распоредување на средствата за платено политичко рекламирање дополнително ги заострува позициите на партијата во Собранието. Од партијата се децидни дека понеделник е последен ден за продолжување на разговорите помеѓу политичките партии, по што ќе поднесат самостојно предлог-измени, а не ја исклучија можноста за радикализација на собранието….
Од СДСМ се подготвени за дебата, но инсистираат на почитување на препораките на ОБСЕ. Оттаму се децидни дека нема да поддржат законски измени со кои би се овозможило елекстронско гласање на дијаспората и злоупотреба на електоратот…
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го повторија ставот дека ќе поддржат сè што ќе договорат опозициските партии, но како клучен услов го истакнуваат олеснувањето на гласањето на дијаспората.
ВМРО-ДПМНЕ: „Нашиот став, за разлика од другите политички партии, е конзистентен и јасен. Сè што ќе договорат опозициските партии, ние ќе прифатиме, само дијаспората да може да гласа на олеснет начин, или електронски или по пошта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, реакциите на политичките партии следуваат откако Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Изборниот законик со кои се уредува распределувањето на средствата и медиумскиот простор за платено политичко рекламирање, по иницијативите поднесени од политичките партии Левица и Демократи.
Со одлуката на Судот, законските одредби остануваат во сила. Предметот претходно беше разгледуван и од Уставниот суд, но во јули судиите не обезбедија потребно мнозинство за одлука, по што прашањето остана отворено.






