„Енергетската транзиција веќе не е избор. Предизвикот е да ја спроведеме без загрозување на стабилноста и навреме да ги вклучиме новите извори, технологии и потрошувачи,“ ова беше главната порака на генералниот директор на МЕПСО, доц. д-р. Бурим Љатифи, на меѓународната конференција „ЕНЕРГЕТИКА 2026“ на ЗЕМАК која овие два дена се одржува во Струга.
Електроенергетскиот систем влегува во период на брзи промени, расте производството од сонце и ветер, се развиваат системите за складирање, се зголемуваат потребите на индустријата, а на хоризонтот се нови големи потрошувачи, вклучително и дата-центрите.
„Производните капацитети и преносната мрежа мора да се развиваат заедно. Потребни се модернизација, нови далекуводи и трафостаници, поголем капацитет и подобро управување. Не е важна само количината на енергија, туку и местото на приклучување, динамиката на раст на потрошувачката. Навременото утврдување на инвестициите, техниките услови и фазите на приклучување, за инвеститорот значи предвидливост; за операторот – обврска секое приклучување да биде технички оправдано и долгорочно одржливо,“нагласи Љатифи пред претставници на институциите, енергетските компании, регулаторите, академската и инженерската заедница.
На истата линија на промени се осврна и претседателот на ЗЕМАК, Борко Алексоски, кој посочи дека во изминатите две години фокусот се поместува од зголемување на производството од обновливи извори кон нивната паметна и сигурна интеграција во системот. „Предизвикот повеќе не е само да произведеме енергија, туку да создадеме систем што може паметно и сигурно да ја интегрира.“
Следен клучен чекор е развојот на мрежата да го следи развојот на производството и потрошувачката, со особен фокус на новите големи потрошувачи, особено дата-центрите. Сигурната и флексибилна мрежа е предуслов за нови инвестиции и конкурентна индустријата, особено во услови на европската декарбонизација и CBAM.
Конференцијата „ЕНЕРГЕТИКА 2026“ во следните денови ќе ги отвори прашањата поврзани со идниот развој на македонскиот енергетски сектор, со посебен акцент на складирањето на енергија, пазарните механизми, интеграцијата на обновливите извори и создавањето пофлексибилен и поотпорен електроенергетски систем.
https://www.facebook.com/share/p/1JUJapE9vW/






