Општина Тетово ги известува граѓаните дека од 1 октомври ќе започнат постапките за неплатените обврски по основ на данок на имот и комунална такса за фирма.
Од Општината ги повикуваат граѓаните кои имаат неплатени обврски навреме да ја проверат својата состојба и да ги извршат плаќањата, со што ќе избегнат понатамошни постапки за присилна наплата.
И градоначалникот Биљал Касами на денешниот брифинг со новинарите апелираше до граѓаните да ги подмират обврските за данок на имот за 2024 и 2025 година.
-Апел до сите граѓани кои немаат платено данок на имот во 2024 и 2025 година да ја реализираат таа обврска, затоа што во во следните денови, подготвуваме процедура и за присилна наплата. Затоа значи да не дојде до присилна наплата ги замолуваме сите граѓани да ги реализираат нивните обврски према општината за данок на имот за претходните години, истакна Касами.
На новинарско прашање каква е состојбата со долговите на Општината, Касами тврди дека е при крај со исплаќањето.
-Во делот на плаќање на останатиот долг веќе имаме склучено договор за одложено плаќање на делот од долгот со Министерството за финансии и со околу четири компании, од кои е поголемиот дел од долгот. Останува околу три милиони денари кои ќе се реализираат преку извршители преку извршување, ние работиме тој да се плати во наредните два до три месеци, за конечно Општина Тетово да излезе од извршители, истакна Касами.
Граѓаните за информации за данок на имот може да се обратат во канцелариите 44 и 47, како и преку електронските услуги: e-Даноци (https://edanoci.mk), апликацијата TeKLIK (https://www.teklik.mk) и веб-страница на Општина Тетово (https://www.tetova.gov.mk).






