Повикот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за предлагање членови на Анкетната комисија за трагедијата во Кочани не ги предомисли политичките партии. Во Собранието и понатаму и власта и опозицијата со образложенија зошто не предлагаат членови.
Јавниот повик на собранискиот спикер не е доволен за претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче. Тој сè уште чекал допис.
И од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со истото образложение по повикот на Гаши, кој е нивен коалициски партнер, за Телевизија 24 велат дека очекуваат повик од претседателот на Постојаната анкетна комисија, Димитар Апасиев, за одржување седница на која треба да се донесат заклучоци.
„Ние имаме во тек активна Постојана анкетна комисија за Кочани, за која се чека да продолжи и Апасиев да свика седница за да се донесат заклучоците. Кога ќе заврши оваа анкетна комисија, ќе продолжиме со другата“, вели Мицевски за ТВ24.
Претседателот на Левица и претседавач со Постојаната анкетна комисија, Димитар Апасиев, за Телевизија 24 вели дека отсуството на предлози за членови е резултат на премолчен договор меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Според него, двете партии немаат интерес да се истражат несреќите во Кочани и Тетово.
„Досега сите политички партии требаше да номинираат членови, но тоа го стори само Левица. Ниту на ДПМНЕ му одговара да се истражува за Кочани, ниту на СДСМ му одговара да се истражува за модуларната. Ова е премолчен договор на овие две партии и затоа специјалната анкетна комисија е мртвороденче“, вели Апасиев за ТВ24.
На прашањето на ТВ24 кога Апасиев планира да свика седница на Постојаната анкетна комисија со која претседава, а на која треба да се донесат заклучоци, тој кусо одговори дека седницата начелно е предвидена за октомври.
Гаши, откако родителите му испратија допис со барање за конкретен рок, вчера на координација ја отворил темата.
Анкетната комисија, која освен за Кочани, треба да расправа и за пожарот во модуларната болница, каде живи изгореа 14 пациенти, за несреќата во Ласкарци, во која загинаа 16 луѓе, и за несреќата во Бугарија, во која загинаа 45 луѓе, повеќе од девет месеци не може да почне со работа, иако декларативно сите пратеници ја поддржаа.






