Повеќе од 10 илјади сообраќајни прекршоци се констатирани во засилените полициски контроли од мај до август годинава, насочени кон возачите на електрични тротинети, велосипеди, мопеди, мотоцикли и други лесни превозни средства. Во истиот период биле откриени 619 кривични дела и одземени 423 превозни средства.
Според Министерството за внатрешни работи, во акциските контроли на целата територија на државата биле констатирани вкупно 10.411 прекршоци. Од нив, 1.571 се однесуваат на електрични тротинети, 34 на велосипеди, а 8.806 на мопеди, мотоцикли и трицикли.
Најчест прекршок е некористењето заштитен шлем – кацига, за што се евидентирани 7.303 случаи. Регистрирани се и 718 прекршоци за управување по несоодветна површина, 401 за управување со нерегистрирани возила и/или возила без полиса за осигурување, како и 322 за некористење рефлектирачки елек.
Евидентирани се и 81 прекршок за управување од лица помлади од 18 години и 45 за управување под дејство на алкохол.
Во текот на контролите биле откриени и 619 кривични дела, од кои 604 за управување без возачка дозвола, 14 за управување под дејство на алкохол и едно за управување во забранет правец.
Во рамки на преземените мерки биле одземени 423 превозни средства – 20 електрични тротинети и 403 мопеди, мотоцикли и трицикли.
Од МВР најавуваат дека продолжуваат со засилените сообраќајни контроли, со фокус на прекршоците што ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот.






