Што се случува кога младите ќе престанат да чекаат некој да им го отстапи просторот за култура и ќе почнат сами да го создаваат?
„Ре-култура“ веќе трета година го поставува токму тоа прашање, низ поезија, книжевност, визуелна уметност, филм, списание, музика и дружење. Не како уште еден фестивал што само ја пополнува културната агенда, туку како простор во кој различните уметности, генерации и идеи можат да се сретнат.
За тоа што значи денес да се создава младинска и критичка култура, зошто на младите им требаат сопствени простори и дали забавата може да биде форма на отпор, разговараме со Андреј Медиќ Лазаревски – поет, преведувач, основач на „Култура Бета“ и коосновач на „Ре-култура“.

Трн: „Ре-култура“ звучи како култура што сака повторно да го земе просторот. Кој простор денес најмногу им недостига на младите автори – физички, културен или медиумски?
Андреј: Да, фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“ претендира кон заземање, но и создавање на нови простори. Токму и затоа фестивалот, кој е инаку целосно независен, волонтерски и посветен на заедницата, секогаш ја креира својата програма во простори кои се посветени на афирмација и поддршка на независна и младинска култура. Физички простор е секогаш добредојден, има многу простори низ градот кои треба и имаат потенција да станат културни простори. Во однос на медиумскиот простор, секогаш е добредојден и сме благодарни на сите што пројавуваат интерес за ваков тип на настани.





Трн: Имате изложба, филмови, преведувачка работилница, поезија, списание и музика. Дали денес е невозможно културата да се држи во една дисциплина или едноставно младите повеќе не сакаат жанровски граници?
Андреј: Не дека е невозможно, но нашето разбирање за култура е интердисциплинарно, комплексно и разновидно. Не сметаме дека треба да има јасни граници меѓу различните уметности, туку целиот настан е еден поширок систем, овојпат обединет под темата „Сликата за другиот“. Ваквото сфаќање на култура ни овозможува и дискусиите за значајни теми да бидат забавни, а и танцот и журката на крај да бидат некакво критичко преиспитување или средство за отпор.
Трн: Што е најголемата заблуда за „младинската култура“ – дека е бунтовна, дека е апатична или дека никој не ја следи?
Андреј: Најголема заблуда и предрасуда којашто многумина ја имаат за младите е дека ништо не нѐ интересира. Погледнете ја само младинската книжевна или музичка продукција.
Трн: „Тригер“, „Се читаме!“, поетски колективи, независни автори… Дали во регионот повторно се создава една нова книжевна сцена, или само конечно почнавме да ја забележуваме?
Андреј: Нова книжевна сцена во регионот се создава последниве неколку година. Најмногу ми се допаѓа тоа што таа сцена сѐ повеќе добива видливост, значење, награди.

Трн: Фестивалот има и музика, и книжевност, и визуелна уметност. Каде престанува културниот настан, а почнува забава – и дали воопшто треба да има граница?
Андреј: Нема граница! Како што кажав и погоре, интердисциплинарниот пристап во културата овозможува и забавата да е критичка и критичкото да е забавно.
Трн: Ајде малку поконкретно: што не би ставиле никогаш во програмата на „Ре-култура“, дури и ако тоа гарантира полна сала?
Андреј: Турно фолк. Од било кој вид. Ниту музички ниту книжевен.
Трн: Младите често се обвинуваат дека се презаситени од интернет, а програмата ви е полна со автори што токму преку текст, филм, списание и перформанс бараат контакт. Дали културата повторно станува начин луѓето да се најдат едни со други?
Андреј: Културата секогаш е начин за другарување, креирање заедници и себе-пронаоѓање. Тоа е и целата смисла на создавање на фестивали и културни средби – вмрежување, меѓусебно инспирирање, поттикнување, критикување.
Трн: Кој е твојот личен „тригер“ кога станува збор за културата во Македонија – нешто што те тера да реагираш веднаш?
Андреј: Тригер е игнорантноста на државата кон создавање на културна инфраструктура. Тригер е недоволната поддршка. Тригер е несогледувањето на важноста на книжевноста и културата генерално. Но реакцијата на тоа никогаш не сакаме да ни биде само жалење и кулање, напротив, преземање на работите и креирање на просторите (физички, виртуелни, заеднички, лични) за култура.
Трн: И за крај, без дипломатски одговор: ако треба со една реченица да убедиш некого што мисли дека „нема ништо интересно во културата“ да дојде – што ќе му кажеш?
Андреј: Ако не дојдеш, ќе ја испуштиш најдобрата (а и мајпаметната) журка! Хахаха!






