Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска, оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз, во неговата резиденција.
На средбата беа разгледани можностите за унапредување на соработката и размена на искуства во областа на рамноправноста меѓу жените и мажите и еднаквите можности.
Пешевска ги претстави активностите на Комисијата, со посебен осврт на реализацијата на Акцискиот план на Собранието за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите. Таа информираше и за активностите во областа на парламентарниот надзор, законодавството и јавните политики.
Посебно внимание беше посветено на надзорната расправа за насилството, одржана во 2026 година, на која беа сослушани претставници на клучните институции надлежни за спроведување на законодавството. Во тек е процесот на подготовка и усвојување на конкретни заклучоци и препораки за надлежните институции.
Во фокусот на разговорот беа и прашањата поврзани со спречувањето и заштитата од насилство врз жените и семејното насилство, фемицидот, положбата и правата на жените земјоделки, како и унапредувањето на политичкото учество и лидерството на жените.
Соговорниците го истакнаа значењето на меѓународната и регионалната соработка, како и размената на парламентарни искуства и добри практики. Во таа насока, беа разгледани можности за соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија преку организирање експертски конференции и јавни дебати, студиски посети и институционални размени, како и активности насочени кон спречување на насилството и економско јакнење на жените.
Пешевска истакна дека Комисијата продолжува да работи на унапредување на еднаквите можности и преминување од формална кон суштинска еднаквост, преку конкретни парламентарни активности, механизми за надзор и соработка со граѓанското општество и меѓународните партнери.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката во области од заемен интерес и за размена на искуства во насока на унапредување на еднаквите можности.






