Светот се соочува со сериозен предизвик во здравствениот сектор, а до 2030 година се очекува глобалниот недостиг на здравствени работници да достигне 11,1 милиони, предупредува Светската здравствена организација (СЗО).
Според податоците од повеќе од 100 земји, стареењето на населението се совпаѓа со стареењето на здравствениот кадар, што дополнително може да го продлабочи недостигот од лекари, медицински сестри и други здравствени работници.
СЗО проценува дека до 2030 година во 67 земји нема да има доволно здравствен персонал за да се задржат сегашните стандарди на медицинска грижа.
За да се одржи постојниот однос меѓу бројот на здравствени работници и населението, според организацијата ќе бидат потребни дополнителни 832.000 здравствени работници.
Особено погодени би можеле да бидат земјите со повисоки приходи, меѓу кои и голем број европски држави. Во овие земји здравствениот кадар е постар, а СЗО проценува дека во следните 10 години ќе се пензионира приближно еден од тројца лекари.
Организацијата предупредува дека истовременото стареење на населението и медицинскиот персонал може дополнително да го оптовари здравствениот систем и да создаде потреба од навремено планирање и вложување во нов кадар.






