Мртов стаорец, непријатна миризба и рој оси околу него – ова е сликата што денеска ја затекнавме во населбата Буњаковец, во Општина Центар.
Овде може да се забележат угинати глувци, а само на неколку метри се наоѓа основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци,“
На улицата има голем број станбени и деловни објекти, но и стари и запуштени објекти, додека во непосредна близина се градат и нови згради. Секојдневно тука поминуваат голем број граѓани, од ученици до пензионери.
Додека снимавме на терен, затекнавме и жител кој сам ги собираше угинатите стаорци. Вели дека тоа го прави бидејќи, според него, никој друг не се грижи за нивното отстранување.
И останатите жители велат дека речиси и да нема ден кога на улицата не гледаат живи или мртви глувци и стаорци.
„Има огромни стаорци како мачки. Ако го отвориш капакот ќе видиш дека низ канализацијата си шетаат. Овде има и деца и луѓе од секоја возраст. Ќе фатиме некоја болест за која ќе немаме пари да се излечиме“
„Има стаорци, ама сите се мртви. Се сомневам дека мачките ги носат од негде или пак некои луѓе“
„Пред извесен период на улицава на ќошот забележав мртов стаорец. Ова треба итно да се реши,“ велат жителите.
Од Општина Центар, која е надлежна за овој дел од градот, велат дека во понеделник ќе спроведат нова дератизација и дека акциите се прават редовно.
Општина Центар: „Од почетокот на годината Општината спроведе редовна пролетна дератизација на целата своја територија, како и две вонредни акции на локации каде што беше забележано зголемено присуство на глодари. Новата вонредна дератизација ќе се спроведе во понеделник, а од октомври ќе следува и редовната есенска дератизација.“
Од Општина Центар додаваат дека прво мора да се откријат причините за појавата на глодарите. Ги повикуваат граѓаните редовно да ги чистат дворовите и подрумите и да не оставаат отпад на несоодветни места.






