домаМакедонијаМицкоски не се повлекува од разговорите со Бугарија, бара одложени уставни измени

Мицкоски не се повлекува од разговорите со Бугарија, бара одложени уставни измени

- Advertisement -spot_img

Премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон порача дека нема да се повлече од разговорите со Бугарија за деблокирање на европскиот пат на Македонија, но повторно го постави условот уставните измени да бидат усвоени сега, а да стапат во сила дури по завршувањето на преговорите за членство во Европската Унија.

Во разговор во Атлантскиот совет, Мицкоски рече дека прекинувањето на дијалогот би испратило погрешна порака и би ја довело земјата во изолација.

„Не можеме да се повлечеме од разговорите, бидејќи тогаш ќе испратиме многу погрешна порака и ќе се изолираме. Вистинските патриоти водат битки и победуваат, не се предаваат“, рече Мицкоски.

Тој порача дека ќе продолжи да разговара за надминување на спорот и покрај несогласувањата со Софија околу условите за продолжување на пристапните преговори.

Мицкоски пред Атлантскиот совет повторно оцени дека Македонија во изминатите две и пол децении исполнувала серија политички услови кои, според него, не биле дел од пристапниот процес на претходните земји членки. Како примери ги посочи промената на името и сегашното барање за уставни измени.

Според премиерот, проблемот е што нема гаранција дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последното билатерално прашање кое ќе го блокира процесот.

Тој повторно ја отвори можноста уставните измени да бидат изгласани во Собранието, но со одложено дејство – да почнат да важат откако Македонија ќе ги заврши пристапните преговори со ЕУ и договорот за членство ќе биде ратификуван од сите земји членки. Според Мицкоски, таквиот механизам би претставувал гаранција дека сегашниот услов е последната политичка пречка од овој тип.

Актуелната европска рамка, сепак, предвидува уставните измени да бидат направени пред отворањето на следната фаза од пристапните преговори. За нивно усвојување во Собранието е потребно двотретинско мнозинство.

Мицкоски ја обвини претходната власт дека ја презела обврската за уставни измени иако немала потребно мнозинство во парламентот. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ уште како опозиција предупредувала дека таквиот договор може повторно да го блокира европскиот процес.

Во исто време, премиерот ја повтори определбата дека Македонија останува на европскиот пат и дека Владата нема намера да се изолира од разговорите со Брисел и Софија.

„Јас никогаш нема да се предадам и никогаш нема да се повлечам од каков било разговор. Ќе продолжиме да разговараме“, рече Мицкоски.

Разговорот во Атлантскиот совет беше дел од посетата на владината делегација на Вашингтон. Темите вклучуваа евроинтеграции, стратешкото партнерство со САД, безбедноста, инвестициите и позицијата на Македонија како членка на НАТО.

Пред заминувањето во САД, Мицкоски најави дека Владата нема да ја менува позицијата околу спорот со Бугарија и дека на американските партнери ќе им ја објаснува потребата од гаранции дека по евентуалните уставни измени нема да следуваат нови билатерални услови.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img