И покрај континуираното зголемување на цените на храната, горивата и на енергенсите, надоместоците што ги добиваат работниците за храна и за превоз во голем број случаи остануваат на релативно ниско ниво. За вработените што земаат минимална плата, овие трошоци претставуваат значителен дел од месечниот приход и дополнително го намалуваат износот што им останува за другите животни потреби. Според пресметките, кај работниците со минимална плата, околу една третина од месечниот приход може да отиде само за храна и за превоз. Станува збор за трошоци што тешко може да се избегнат – работникот мора да стигне до работното место, а во текот на работниот ден мора да обезбеди и оброк.
Фирмите што исплаќаат надоместоци за овие трошоци, пак, издвојуваат различни суми. Во одредени компании, надоместокот за превоз се движи од 1.200 до 1.400 денари месечно, додека за храна работниците добиваат од 120 до 200 денари дневно.
Реалните трошоци, сепак, се значително повисоки, особено за оние што секојдневно патуваат до работното место. Работниците од Тетово, Куманово, Велес и од другите градови, кои работат надвор од местото на живеење, секој месец издвојуваат средства за автобуски билети, гориво или за одржување на сопственото возило.
– На еден работник, само за храна и за превоз, месечно му се потребни од 5.000 до 6.000 денари. Во оваа пресметка е земен минималниот дневен трошок од 100 денари за храна, како и околу 100 денари за автобуски билет во двата правци. Тоа се основни трошоци што работникот мора да ги направи за да може да отиде на работа. Во оваа сума воопшто не се вклучени трошоците за кафе, цигари, ужина и за други секојдневни потреби. Кога ќе се соберат и овие издатоци, реалниот месечен трошок е значително повисок. За работникот што зема минимална плата, тоа е сериозен трошок и дополнително го намалува износот што му останува за другите основни потреби – изјави за ВЕЧЕР Иван Пешевски, претседател за приватниот сектор на Сојузот на синдикатите на Македонија.
За најголем дел од работниците, трошоците за превоз и за хранарина беа укинати како посебни ставки и внесени во бруто-платата од 1 јануари 2009 година. Сепак, преку колективните и гранковите колективни договори, дел од работниците го имаат обезбедено правото на надоместок за храна и за превоз.
Поради начинот на кој се регулирани овие надоместоци, нема единствена евиденција за тоа колку конкретно издвојува секоја компанија за овие трошоци. Во практика, висината на надоместоците се разликува од фирма до фирма, а според Синдикатот, има и компании што не исплаќаат посебен надоместок за храна и за превоз.
– Во услови кога растат цените на храната, горивата и на транспортот, овој проблем станува уште поизразен. Работникот не може да го избегне трошокот за превоз ако мора секојдневно да патува до работното место, ниту може да не јаде во текот на работниот ден. Затоа е неопходно повторно да се отвори прашањето за надоместоците за храна и за превоз и да се најде решение со кое нема да паѓаат овие реални трошоци целосно на товар на работникот – вели Пешевски.
Дополнителен трошок се и секојдневните издатоци во текот на работната пауза: кафе, бурек или сендвич, вода или сок, а кај пушачите и цигарите. Поединечно овие суми, можеби, изгледаат мали, но на месечно ниво може да станат значителен дел од приходот.
Ако работникот во просек троши по 300 денари во текот на работниот ден, за 20 работни дена, тоа се околу 6.000 денари месечно. Со дневен трошок од 500 денари, сумата достигнува и до 10.000 денари. Тоа е дополнителен трошок над издатоците за превоз и за храна, а кај работник со пониски примања може сериозно да го оптовари домашниот буџет.
Токму затоа малите секојдневни трошоци постепено се претвораат во голема месечна сума. Дел од вработените веќе се обидуваат да заштедат така што носат храна и кафе од дома, но не е секогаш можно тоа, особено за оние штп работат на терен или немаат соодветни услови за чување и за консумирање храна на работното место.
На крајот, за работникот со пониски примања, секој работен ден станува дополнителна пресметка: колку ќе потроши за да стигне до работа, колку ќе чини оброкот и колку ќе му остане за другите потреби. Кога ќе се соберат превозот, храната и секојдневните трошоци, значителен дел од платата се троши уште пред да се врати работникот дома.
Во услови на раст на трошоците за живот, прашањето не е само колкава е платата туку и колку од неа реално му останува на работникот откако ќе ги покрие основните трошоци поврзани со самото одење и престој на работа.






