Европската комисија очекува Македонија да ги спроведе преземените обврски поврзани со уставните измени, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за бугарскиот јавен сервис БНТ.
Кос ја опиша оваа есен како „есен на проширувањето“ и смета дека актуелниот момент може да се искористи за придвижување на европската интеграција на земјата, но само ако се исполнат обврските.
Јас ќе бидам многу среќна ако го искористиме овој момент на проширувањето и за Македонија. Јас верувам во новата бугарска влада со која работам многу добро. Сите ние заедно ќе најдеме начин да го задвижиме процесот и за Македонија. Се разбира, македонската влада ќе мора да го исполни ветувањето. Тие треба да го сменат Уставот.Тоа е договорено меѓу Македонија и 27-те земји членки на Европската унија. Откако тоа ќе биде направено, ќе сметам и на поддршка од вашата држава, да тргнеме напред и со Македонија, вели Марта Кос, еврокомесарка за проширување.
Еврокомесарката го потврди она што вчера го најави претседателката на Европската комисија, дека се подготвуваат нови патокази за земјите кои се најнапредни во пристапните преговори.
Таа посочи дека Црна Гора е најблиску до членство, додека за Албанија, Молдавија и Украина се подготвуваат патокази со можните технички чекори до крајот на мандатот на актуелната Европска комисија.
Според Кос, напредокот на овие земји може да биде поттик и за останатите кандидати и потенцијални кандидати, меѓу кои Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, да го забрзаат својот пат кон ЕУ.
Потсети дека последното проширување на ЕУ се случи во 2013 година, со членството на Хрватска, и дека сега Унијата повторно го става овој процес високо на својата агенда.
Но, Фон Дер Лајен во вчерашниот говор пред Европскиот парламент проширувањето со земјите од Западен Балкан го стави на последната страница, со кусо известување за новите патокази и потсетување дека процесот и понатаму ќе се заснова на заслуги. Затоа, пак, ја покани Канада за придружна членка на ЕУ.






