домаМакедонијаБројките растат, но моќта не следи со иста брзина: потребни се конкретни...

Бројките растат, но моќта не следи со иста брзина: потребни се конкретни мерки за суштинско политичко учество на жените

- Advertisement -spot_img

Формалната застапеност на жените во изборните и политичките процеси во Северна Македонија постепено расте, но реалната политичка моќ сè уште заостанува зад бројките. Ова е една од клучните пораки од конференцијата „Унапредување на изборното учество на жените преку податоци, придобивки и партнерства“, која се одржа во Скопје во организација на Државната изборна комисија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Швајцарската „Програма за изборна поддршка“.

На конференцијата се обратија Абдуш Демири, потпретседател на Државната изборна комисија, амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Кристоф Сомер, амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија, и Кристофер Ле Мон, потпретседател за програми и стратегии во ИФЕС.

Иако избирачкиот список покажува речиси потполно демографска еднаквост, каде разликата е само 500 жени помалку во споредба со мажите, сепак бројките откриваат сериозен родов јаз во излезноста по општини и региони. Затоа статистичките податоци од оваа конференција, за нас како институција, се јасен патоказ за следните чекори кои треба да ги превземе ДИК за отстранување на бариерите за целосно и непречано остварување на правото на глас на секоја жена – истакна потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири.

Во рамки на конференцијата, членката на ДИК, Дитмире Шеху ја презентираше статистиката за излезност на гласачите по општини од локалните избори 2025 година, разделени по пол. Во рамки на своето излагање, Шеху потенцираше дека преку анализа на бројките се воочуваат трендовите, состојбата и можностите за дејствување.Податоците не се крајот на анализата, туку почеток на дејствувањето, заклучи Шеху во својот говор. Податоците покажуваат дека зголемувањето на бројот на кандидатки не значи автоматски и пропорционално зголемување на бројот на избрани жени.

Во првиот панел кој беше посветен на политички и поттикнувачки мерки за зголемување на учеството на жените во изборите, се презентираа меѓународни искуства и можности за воведување финансиски поттикнувачки мерки за поголемо учество на жените во. Како пример беше презентиран моделот на Молдавија, каде што финансиските поттици поврзани со бројот на избрани жени придонеле за зголемување на нивната политичка застапеност.

Посебно внимание беше посветено на родово поврзаните дезинформации и медиумското известување. Беше нагласено дека нападите врз жените во политиката сè почесто се насочени кон нивниот изглед, морал и личниот живот, наместо кон нивните политики и резултати. Во таа насока, беше истакната потребата од следење на родовите дезинформации во текот на целиот изборен циклус и координиран одговор на институциите, медиумите и граѓанското општество.

На вториот панел, посветен на граѓанското општество и медиумите, беше истакнато дека видливоста на жените не е исто што и суштинска застапеност. Иако 42,9% од кандидатите во 2024 година биле жени, само 2,4% од анализираните медиумски написи се однесувале на родови прашања. Учесниците на конференцијата повикаа на еднакви новинарски стандарди за сите кандидати и на континуирано известување за работата на избраните жени, и по завршувањето на изборите.

Како важен предуслов за суштинско учество беше посочено и политичкото образование, вмрежувањето и поддршката на жените надвор од партиските структури, паралелно со јакнењето на внатрепартиската демократија.

Членот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, ја заврши конференцијата со пораката дека Државната изборна комисија преку едукативни и информативни кампањи за зголемување на излезноста директно може да даде придонес за поголемо акцентирање и вреднување на гласот и активното избирачко право на жените во изборите.

Конференцијата ги обедини претставниците на институциите, меѓународната заедница, експертската и граѓанската заедница и медиумите, со цел преку родово-разделени изборни податоци, меѓународни искуства и домашни перспективи да се идентификуваат конкретни можности за зголемување на учеството и влијанието на жените во изборните процеси и во носењето одлуки.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img