Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против С.Б. (63) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Според пријавата, во текот на 2025 година, во својство на директор на ЈЗУ Здравен дом „Примариус д-р Ѓорѓи Гаврилски“ во Свети Николе, пријавениот не постапил согласно одредбите од Законот за користење и располагање со стварите во државна и општинска сопственост.
Како што информираат од МВР, тој без спроведување соодветна постапка и без обезбедување на потребната согласност од Владата, отуѓил движни ствари за кои немало соодветни податоци за нивниот вид и количина, во вкупна вредност од 75.000 денари.
Со наведеното дејствие, според пријавата, С.Б. овозможил трети лица да се стекнат со противправна имотна корист, при што на Министерството за здравство му била нанесена штета во истиот износ.






