Личната карта и возачката дозвола граѓаните ќе можат да ги имаат и во електронска форма на својот мобилен телефон преку новата државна апликација „м.Услуги“, која во моментов се тестира, а нејзината промоција е најавена за октомври.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, рече дека апликацијата е веќе подготвена и дека идејата е постепено на едно место да се обединат документите и електронските услуги што граѓаните ги користат во комуникацијата со државата.
„Ветив дека во втората половина од мандатот ќе успееме да подготвиме мобилна апликација. Сега конечно можам да кажам дека таа е подготвена и во моментов ја тестираме. Во октомври ќе организираме голем настан на кој ќе ја промовираме пред граѓаните“, рече Андоновски.
Во првата верзија на „м.Услуги“ ќе бидат достапни електронската лична карта и електронската возачка дозвола, како и неколку електронски услуги од јавната администрација.
„Ја замислуваме како апликација што ќе ви биде потребна за сè што сакате да завршите, а е поврзано со државата. Во моментов постојат повеќе различни апликации и системи, а нашата цел е услугите за граѓаните да ги обединиме на едно место“, објасни министерот.
Користењето на апликацијата нема да биде задолжително. Граѓаните кои нема да сакаат да ја користат ќе можат и понатаму да се идентификуваат со физичките документи, додека преземањето и користењето на „м.Услуги“ ќе бидат бесплатни.
Апликацијата е развиена како дел од проект вреден 1,5 милиони евра, но, според Андоновски, нејзината изработка не е платена од државниот буџет. Проектот бил обезбеден во соработка со надлежните институции од Полска и Украина и со Европската Унија.
„Апликацијата е изработена од македонски инженери, таа е македонски производ и останува во сопственост на државата“, рече Андоновски.
Со воведувањето на електронските документи се отвора и прашањето за нивното прифаќање од институциите. Андоновски вели дека сè уште има институции кои одбиваат електронски документи иако, според него, имаат законска обврска да ги прифатат.
Тој најави надзор од надлежниот инспекторат и примена на предвидените казни за правните лица кои нема да го почитуваат законот.
„Оставивме доволно време и простор за приспособување, но сега мора да го почитуваме законот и да бидеме во чекор со светот“, порача министерот.
„м.Услуги“ нема да остане само на личната карта, возачката дозвола и почетниот пакет електронски услуги. Планот е апликацијата континуирано да се надградува и да добива нови функционалности.
Крајната цел, според Андоновски, е до 2028 година таа да прерасне во европски дигитален паричник. Тој тврди дека со реализацијата на планот Македонија би била меѓу првите петнаесетина европски држави со ваков тип апликација.






