Собранието денеска ќе ја одржи 122-та пленарна седница. По усвојувањето на дневниот ред, пратениците од опозицијата во следните два часа ќе поставуваат прашања до премиерот и министрите.
На дневен ред се повеќе предлог-одлуки за разрешување и именување претседатели и членови на одборите за доделување на државните награди „Мито Хаџи Василев-Јасмин“, „22 Ноември“, „Мајка Тереза“ и „Св. Климент Охридски“, како и предлог-одлука за именување член на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Пратениците ќе расправаат и за Предлог-законот за државната ревизија, во прво читање.
По скратена постапка се предложени измени на повеќе закони, меѓу кои законите за комуналните дејности, градење, превоз во патниот сообраќај, санитарната и здравствената инспекција и рестриктивните мерки.
На дневен ред се и предлог-одлуките за начинот на спроведување на интервјуто, оценувањето и бодирањето на кандидатите за членови на Советот на јавните обвинители и на Судскиот совет, како и предлог за автентично толкување на одредба од Законот за данокот на додадена вредност.






