Мицотакис за Македонија испрати директна порака во неделата од Солун, Грција ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан, но земјава останува во рана фаза и без суштински напредок во преговорите со Европската Унија.
„За Северна Македонија нема суштински напредок во европските преговори“, рече Мицотакис на прес конференцијата во рамките на 90. Меѓународен саем во Солун.
Грчкиот премиер оцени дека земјава се наоѓа во значително порана фаза од Албанија. Тој нагласи дека секоја држава кандидат се оценува одделно, а отворањето и затворањето на преговарачките поглавја зависи од процената на сите членки на ЕУ.
Зад општата поддршка за проширувањето, Мицотакис не понуди нова иницијатива или временска рамка за македонското придвижување кон Унијата. Неговата изјава ја постави земјава во групата кандидати чија европска перспектива формално се поддржува, но чиј пристапен процес останува закочен.
Мицотакис се осврна и на политичката состојба во Грција и ја отфрли можноста за предвремени парламентарни избори. Тој најави дека изборите ќе се одржат во пролетта 2027 година, на крајот од редовниот владин мандат.






