домаМакедонијаСтрумица, една од најзагадените реки во Македонија

Струмица, една од најзагадените реки во Македонија

- Advertisement -spot_img

Реката Струмица е една од назјагадените реки во државата според анализите на Управата за хидрометереолошки работи (УХМР). Нивните компаративни анализи покажуваат дека најзагадени реки во Македонија се Црна Река во мерното место Скочимир и река Струмица кај Ново Коњарево. Како загадувачи се појавуваат нутриентите, фосфатите, а понекогаш и нитритите. Зад лабораториските анализи и категориите на водата стојат и конкретни извори на загадување.

А за луѓето кои живеат покрај реката, промената се гледа и низ она што го паметат од детството.

„Па, реката е релативно загадена, мислам дека голем дел од фекалиите од тие села што гравитираат дали директно или индиректно влегуваат во неа. Јас на таа возраст кога бев како дете, знам дека во таа река имаше многу видови на риба, сега многу малку. И тие доаѓаат одвреме-навреме по течението на реката Струма, дали доаѓаат на мрестење или не, не верувам дека нашата вода е поволна за да бидат тука“, сведочи Трендафил Златинов, жител на Ново Коњарево.

Фекалното загадување може да доаѓа од населените места каде што нема соодветна канализациска мрежа, од испуштање отпадни води или од недоволен третман на тие води. Но, комуналните отпадни води не се единствениот притисок. Во земјоделскиот регион, дополнителен товар за водите можат да бидат хранливите материи и хемиските средства што се користат во земјоделството, преку нивно истекување од земјоделските површини.

Течението на Струмица на излезот од селото Ново Коњарево е на само 100-тина метри од границата со Република Бугарија, каде што продолжува да тече оваа река. Кога во реката има помалку вода, загадувањето не исчезнува. Напротив, помалиот водостој значи и помал капацитет на реката да ги разреди загадувачите. Токму тука климатските промени стануваат важен дел од приказната, велат еколошките организации.

„Климатските промени можеби не го создаваат загадувањето на реката Струмица, но можат да ги засилат последиците од веќе постојното загадување. Кога во реката има помалку вода, нејзиниот капацитет да ги разреди загадувачите е помал. Во исто време, земјоделството има поголеми потреби за вода, особено во сушни периоди. Така се создава дополнителен притисок врз истиот ограничен ресурс“, велат од „Еко свест“.

Климатските промени не се директниот причинител на загадувањето на Струмица. Но, ако количината на вода се намалува, истиот товар на загадување може да има поголемо влијание врз реката. Сеќавањето на локалното население на реката како место за капење и риболов денес изгледа како слика од едно поинакво време.

„Даа, како не, јас ние тука на едно место имаме околу осум декари земјиште и затоа што е оддалечено многу од селото, на пладне не си одевме дома. Таму одмаравме и се бањавме, ловевме риби и така“, вели Трендафил Златинов од Ново Коњарево.

Реката Струмица денес е местото каде што се пресекуваат повеќе различни притисоци. Загадувањето има конкретни човечки извори – отпадни води, недоволна инфраструктура и земјоделски активности. Но, климатските промени ја менуваат позадината во која овие проблеми се случуваат. Со помалку вода и поголеми потреби за вода, секој од постојните проблеми станува посериозен. Затоа заштитата на Струмица не е само прашање на чистење на водата, туку прашање и на подобра инфраструктура, третман на отпадните води, поодржливо користење на водата во земјоделството и прилагодување кон климатските промени.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img