Трите стана на Водно, кои беа конфискувани со пресудата за случајот „Плацеви на Водно“, а за кои Обвинителството тврдеше дека се скриен имот на екс премиерот Никола Груевски, Агенцијата за управување со одземен имот повторно ги објави за продажба, откако претходно имаше три неуспешни обиди за наоѓање на нов сопственик.
Разликата овој пат е што становите се намалени за цена од по 200.000 евра, бидејќи досега, најверојатно поради високата цена, немаше заинтересирани купувачи.
Па така, едниот стан од 199 квадратни метри, кој се продаваше за 847.000 евра, сега е намален на 635.200 евра. Оној од 155 квадратни метри се продава за 569.662 евра, а пред еден месец се нудеше за 760.000 евра. И третиот стан од 200 квадратни метри се продава за пониска цена од 212.000 евра од претходно, односно за 638.000 евра.
Станува збор за три стана во Панорама резиденс, со вкупна површина од 750 квадратни метри. Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.
Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 48 квадрати. Од објавените фотографии може да се види дека станот располага со џакузи.
Вториот стан е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни, а третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и со балкон од 48 квадрати.
Сите заинтересирани потенцијални купувачи ќе имаат можност да ги разгледаат становите на 10 септември, а електронското надавање ќе се оддржи на 21 септември.
Груевски за „Плацеви на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелација ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор. Во предметот, Груевски, покрај за нелегалното купување на плацеви на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.






