Наставниците ќе добијат ново зголемување на платите во март 2027 година, согласно договореното со СОНК, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
„Тие се безбедни, не треба да мислат на платите, платите ќе се покачуваат секоја година. Следната година во март повторно ќе бидат покачени платите на наставниците“, изјави Јаневска при посетата на ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром.
Таа се осврна и на оптимизацијата на училишната мрежа, посочувајќи дека намалувањето на бројот на ученици довело до затворање на дел од подрачните училишта и спојување паралелки.
Според податоците на МОН, годинава има околу 3.000 првачиња помалку од лани, 26 подрачни училишта привремено се затвораат, а вкупно 148 училишни објекти се без ученици. Во учебната 2026/2027 година ќе има и 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование.
Јаневска оцени дека состојбата е критична и дека оптимизацијата е неопходна за учениците да имаат подобри услови, поголема социјализација и поквалитетна настава.
Според неа, резултатите од реформите што сега се спроведуваат во образованието може да се очекуваат најрано за пет до шест години, а оптимално за девет до десет години.






