Вкупно 41 пожар на отворен простор се регистрирани во земјава од 1 до 2 септември до 7:30 часот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, шест и натаму се активни, пет се ставени под контрола, додека 30 се целосно изгаснати.
Активни пожари има во Штип, Струга, Сарај, Студеничани, Ѓорче Петров и Кичево.
Во Штип гори ниска вегетација на потегот меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица. Во Струга активен е пожарот во близина на Пискупштина, Луково и Буринец, каде што е зафатена шума. Во Сарај, пак, пожарот е кај Копаница, каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Огнени жаришта има и кај Палиград во општина Студеничани, каде се зафатени ниска вегетација и мешана шума. Кај Грачани во Ѓорче Петров гори нискостеблеста шума, додека на местото викано Дардара, кај Тајмиште во Кичево, огнот зафатил ниска вегетација и мешана шума.
Под контрола се пожарите во селата Битово, Заград и Страјане, како и во Драгов Дол и Белица во Македонски Брод. Под контрола е и пожарот над Палиград во Зелениково, како и пожарот на градската депонија Острец во Делчево.
ЦУК информира дека во истиот период се локализирани и изгаснати уште 30 пожари на различни места низ државата. Меѓу општините каде биле регистрирани пожари се Велес, Чашка, Демир Капија, Ново Село, Струмица, Валандово, Боговиње, Јегуновце, Гостивар, Прилеп, Долнени, Виница, Сарај, Арачиново, Чучер-Сандево, Студеничани, Шуто Оризари, Могила, Липково, Ранковце, Куманово, Старо Нагоричане и Струга.






