Утре почнува новата учебна година: за една деценија Македонија изгубила речиси 9.000 првачиња. Околу 14.500 досега се запишани за учебната 2026/2027 година, а конечната бројка ќе биде позната по завршувањето на уписите во септември, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Падот на наталитетот е една од причините, но најголемата е иселувањето. Последиците веќе се чувствуваат и во училишната мрежа, бидејќи годинава бројот на паралелки е намален за околу 200 во основното и за уште 100 во средното образование.
Истовремено, 26 рурални училишта во кои нема ниту едно запишано прваче треба да престанат со работа, а во дел од нив моментално учат само од пет до осум деца. Додека руралните средини остануваат без ученици, во делови од Скопје има недостиг од училници и потреба од проширување. Ова укажува и на силна внатрешна миграција кон главниот град.






