Во изминатите 24 часа на територијата на земјава биле регистрирани вкупно 24 пожари на отворен простор, од кои седум сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а 16 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Заклучно со 7:30 часот, активни се пожарите меѓу селата Бела Црква и Подмочани во Општина Ресен, каде гори борова шума и ниска вегетација, како и на потегот меѓу Копаница и Радуша во Општина Сарај.
Пожари се активни и над селото Палиград во Општина Зелениково, над селото Нежилово, на месноста Сватови во Општина Чашка, во близина на селото Урвич во Општина Боговиње, кај селото Градец во Општина Врапчиште и кај селото Драгов Дол во Општина Македонски Брод.
Под контрола е ставен пожарот кој се ширел од реонот на селото Трново во Општина Гостивар кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод.
Во меѓувреме, пожарникарите изгаснале уште 16 пожари на отворен простор во повеќе општини низ земјава.






