Екипата на Истра на стартот од новата сезона во Хрватска може да се пофали дека одигра двапати по 2:2 со големите фаворити – Хајдук и Динамо Загреб.
Интересно е тоа што за оваа екипа стрелец на двата меча беше 18-годишниот супер-талент Дукан Ахмети. Пред неколку кола во Сплит против Хајдук, а вчера и против Динамо во Пула, кога постигна гол за 2:0.
Навидум, ова нема никаква врска со Македонија. Талент кој настапува за младинските селекции на Хрватска, но… Дукан Ахмети по потекло е од тетовското село Пирок и е во роднински врски со нашиот екс-репрезентативец Агим Ибраими.
Во случајов, Дукан Ахмети, според информациите кои се појавуваат на социјалните мрежи, би можел да го смени спортскиот пасош. Интерес за него има и од Македонија, но и од Албанија, но секако, барем засега, во преден план е Хрватска.
Станува збор за фудбалер кој игра во средината од теренот и за кого веќе има интерес од италијански калчолигаши, меѓу кои и Милан и Аталанта.
Добра работа е што тука многу може да помогне Агим Ибраими, нешто слично како и во времето кога се „кршеа копјата“ за Аријан Адеми.
Да потсетиме дека Адеми и Ибраими се први братучеди. Добиената битка за Адеми беше најголемата фудбалска битка на „зелената маса“ која ја доби Македонија. Потоа, сè е историја…






