Се намалува бројот на невработени, но не и стапката на невработеност. Според податоците од Државниот завод за статистика, во вториот квартал годинава имало 90.020 невработени и за период од една година бројката е намалена за 1.357 лица, но сепак стапката на невработеност останува на исто ниво од 11,3%.
Економистите објаснуваат дека намалувањето на бројот на невработени е резултат на неколку фактори: иселувањето на младата работна сила, намалувањето на природниот прираст на населението, како и борбата со сивата економија.
„Сето тоа влегува во таа компонента на намалување на невработеноста, Ние сепак уште не сме стигнале на таа природна невработеност која ја имаат другите држави но тоа не значи дека апсолутно ќе имаме одеднаш некој економски раст. Нашите политики, нашата економија не се базира на продуктивност, која ќе се базира на креативност, на конкурентност, на пронаоѓање на нови пазари на нашите компании кои би конкурирале со нашата работна сила преку таа иновативност, конкурентност итн. Значи, тука е најголемиот проблем, да, се намалува невработеноста, што е добра вест, но негативно е тоа што немаме некоја продуктивност која што би го зголемила бруто домашниот производ“, вели економистот Абил Бауш.
Стастистиката покажува дека се намалува работоспособното население кое што е во најпродуктивниот период од животот на возраст од 25 до 49 години и тоа за 1,2%, а истовремено расте бројот на вработени лица на возраст над 65 години и тоа за 2,7%.
„Да, имаме намалување на невработеноста, но тоа претежно е социјална компонента. Едно е затоа што имаме ние драстично мигрирање на онаа витална работна сила бидејќи наоѓа поатрактивни и подобри работни места. Од друга страна таа сива економија гледаме дека некако се обидуваат преку новите процедури што ги прави државните институции да го стават во некое намалување таа бројка на невработеноста кај нас. Ако на некои невработени им даваме само здравствено осигуруваљње, значи, тие не се активни баратели на работа и одма автоматски се намалува невработеноста“, вели економистот Абил Бауш.
Премиерот рече дека во последните две години се креирале 17.000 нови работни места и очекува бројката да расте.
„Оваа Влада, во изминатите две години, почнувајќи од третиот квартал во 2024 година, завршувајќи со вториот квартал од оваа 2026 година, има креирано нови 17.000 работни места. Од 691.000 вработени до 708.000 вработени. Ако тоа го преточите во бројки ќе сфатите дека претходната влада за седум години нема отворено толку нови работни места, а со оваа индустрија за која што досега зборував (дата центрите) и придружната индустрија која ќе ја сервисира оваа индустрија, јас очекувам голем дел од нашите, посебно млади, кои што се наоѓаат надвор од Македонија да се вратат дома и токму тука и да го продолжат животот со своите семејства. Бидејќи од она што можам да го видам, а посебно во западна Европа состојбата таму не е онаква како што беше пред 5 или 10 години“, рече премиерот Мицкоски.
Инаку, невработеноста во Македонија од 11,3% е речиси двојно поголема од просечната стапка на невработеност во Европската Унија, која изнесува 6%. Најмногу невработени од над 10% има во Финска и Шпанија, а најмалку во Бугарија, Чешка, Кипар, Малта и Полска, каде што невработеноста се движи меѓу 3 и 3,5%.






