Републикански и демократски членови на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес поднесоа предлог-закон со кој од САД се бараат мерки против Србија поради „сериозно назадување“ во демократијата и владеењето на правото во земјата, како и поради соработката со Русија, Кина и Иран.
САД би требало да воведат финансиски и визни санкции за таканаречените штетни актери кои придонесуваат за дестабилизација на Западниот Балкан, се наведува во предлог-законот – во кој имаше увид Радио Слободна Европа.
Предлогот е поднесен од републиканецот Џо Вилсон (Joe Wilson) и демократот Бил Китинг (Bill Keating),членови на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом. Тие во четвртокот претставија закон кој повикува на санкции и забрани за визи за поединци кои ги подриваат демократските процеси, мирот, стабилноста и територијалниот интегритет во Западниот Балкан, пишува американскиот медиум Хилл ( The Hiil)
Според предлогот, законот ќе се вика „Закон за поддршка на владеењето на правото, изградба на институционална правда и одговорност“, односно „SRBIJA Act“ (Supporting the Rule of law, Building Institutional Justice, and Accountability Act).
Во предлог-законот санкции се бараат и за луѓето кои на Западниот Балкан учествуваат во поткопување на демократските процеси и институции, корупција, сериозни кршења на човековите права или дејствија кои ги опструираат регионалните договорот и рамки за безбедност, мир, соработка или меѓусебно признавање.
Републиканецот Вилсон по повод предлагањето на законот изјави дека „под претседателот (Александар) Вучиќ, Србија намерно сè повеќе се оддалечуваше од владеењето на правото и се приближуваше кон непријателите на слободата, како што се воениот злосторник (рускиот претседател Владимир) Путин, Комунистичката партија на Кина и терористичкиот режим во Техеран“.
„И покрај широко распространетите протести против корупцијата, владата на Вучиќ се заканува да го дестабилизира регионот и пошироко. Народот на Србија заслужува подобро“, изјави Вилсон.
Овој двопартиски притисок врз Вучиќ е во остар контраст со генерално топлите односи што долгогодишниот српски лидер ги имаше со претседателот Доналд Трамп, се објаснува во текстот на Хилл. Трамп ги смета своите напори од 2020 година за нормализација на односите меѓу Србија и Косово за еден од главните мировни успеси додека беше на функција. А Вучиќ, во мајски разговор за Breitbart News, му испрати јавен апел на Трамп изјавувајќи дека Србите во огромно мнозинство го поддржуваат американскиот претседател.






