Растот на цената на дизелот до над 100 денари за литар, новото задолжување на државата и растот на обврските кон приватниот сектор се сериозен сигнал дека економските проблеми повторно се префрлаат врз грбот на граѓаните и стопанството.
Најголемиот товар од ваквата состојба го чувствуваат семејствата со ниски примања, работниците со минимални плати, социјално ранливите категории, пензионерите со минимална пензија, младите семејства и малите и средните претпријатија.
Кога расте цената на горивото, не поскапува само полнењето на автомобилот. Растат транспортните трошоци, цените на храната и услугите, трошоците за производство и на крајот – сметката повторно ја плаќа граѓанинот.
Во исто време, државата продолжува да се задолжува. Според јавно достапните податоци, јавниот долг надминува 60% од БДП, а вкупниот долг на државата и јавните претпријатија се приближува до 70% од БДП. Обврските кон приватниот сектор се високи преку 300 милиони евра, а доцнењето на плаќањата дополнително ја загрозува ликвидноста на компаниите.
Наместо задолжувањето да биде инструмент за развој, инвестиции и подобар животен стандард, граѓаните имаат право да прашаат каде завршуваат овие средства и каков е ефектот од нивното трошење врз економијата?
НСДП смета дека во услови на економска неизвесност Владата мора да покаже поголема одговорност и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард.
Потребни се мерки за ограничување на ценовните удари врз основните производи и услуги, целна помош за најранливите категории граѓани, заштита на реалната куповна моќ на пензионерите и работниците со ниски примања, како и поддршка за малите и средните претпријатија.
Потребни се и поголема транспарентност во задолжувањето и трошењето на јавните средства, навремено подмирување на обврските кон приватниот сектор и економски политики кои ќе создаваат раст и нови работни места, наместо само нови долгови.
На граѓаните не им се потребни статистики и оправдувања, туку сигурност, достоинствен живот и одговорна економска политика.
НСДП ќе продолжи да инсистира на политики во интерес на работниците, социјално ранливите категории и реалниот сектор.
Пристојниот и достоинствен живот на секој граѓанин мора да биде приоритет на државата.






