Сообраќајната полиција во Белград вклучи нов систем од 30 сообраќајни камери кои автоматски регистрираат прекршоци и ги испраќаат податоците до Министерството за внатрешни работи на Србија. Новата опрема покрива клучни сообраќајници и влезови во градот, со цел да се намали бројот на сообраќајни прекршоци и да се зголеми безбедноста.
Новиот систем може истовремено да регистрира повеќе различни прекршоци на една локација. Уредите бележат моментално и просечно пречекорување на брзината, некористење сигурносен појас и употреба на мобилен телефон при возење.
Покрај тоа, камерите детектираат возење во жолта лента, непрописно претекнување, минување колона преку полна линија, возење нерегистрирано возило и минување на црвено светло.
Опремата е поставена на фреквентни крстосници и сообраќајници низ целиот град. Покриени се Нов Белград, Земун, Алтина, Ледине и Бежаниска коса, како и поголемите градски булевари. Системот ги надгледува и приодите кон Белград кај Батајница, Рушањ, Винча и Борча.
Податоците за секој регистриран прекршок се пренесуваат директно во центарот на МВР. Сопствениците на возилата добиваат известување за глобата на домашна адреса или преку порталот е-Управа.
Според податоците на полицијата што ги пренесе РТС, камерите во Белград во просек бележат околу 120 прекршоци дневно. Најчести меѓу нив се минувањето на црвено светло, некористењето сигурносен појас и пречекорувањето на дозволената брзина.
Сообраќајната полиција апелира до возачите да ги почитуваат прописите, укажувајќи дека контролата има цел да ја зголеми општата безбедност на патиштата.






