домаМакедонијаАко има пари за субвенции, инвестиции и профити – мора да има...

Ако има пари за субвенции, инвестиции и профити – мора да има и пари за достоинствена плата

- Advertisement -spot_img

Македонија и натаму има најниска минимална плата во регионот, со околу 424 евра месечно. Додека соседните земји го зголемуваат минималецот, синдикатот предупредува дека ниските плати го забрзуваат иселувањето на работниците. Иван Пешевски од ССМ смета дека платата не смее да се гледа само како трошок, туку како инвестиција во работникот и економијата. Според него, потребна е политичка волја за македонскиот работник да добие достоинствена плата.

Македонскиот работник и во 2026 година останува на дното кога станува збор за минималната плата во регионот. Од март, минималната нето плата во земјава изнесува 26.046 денари, односно околу 423-424 евра. Зголемувањето од 1.667 денари дојде како резултат на законското усогласување, но не и на дополнително зголемување договорено меѓу социјалните партнери. Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) предупредуваат дека само храната и пијалаците од синдикалната минимална кошница во април достигнале 26.085 денари – повеќе од целиот минималец.

Но, сликата во соседството е значително поинаква. Во Словенија, минималната плата за 2026 година е 1.481,88 евра бруто, што според словенечката влада е околу 1.000 евра нето. Во Хрватска, минималната плата е околу 900 евра, додека Црна Гора има две нивоа – 600 евра нето за работниците до петто ниво на квалификација и 800 евра за шесто и повисоко ниво.

Во Србија, минималната плата во 2026 година е околу 551 евро, а од јануари 2027 година треба да достигне 600 евра. Во Федерацијата БиХ минималната нето-плата е околу 525 евра, додека во Република Српска, износот зависи од степенот на образование. Во Албанија, минималната плата е 50.000 леки, односно околу 524 евра.

Така, кога ќе се погледнат минималните плати во регионот, Македонија со околу 424 евра останува последна меѓу земјите со кои најчесто се споредува. И токму оваа разлика ја отвора дилемата – зошто македонскиот работник е најевтин во регионот?

За потпретседателот на ССМ за приватен сектор, Иван Пешевски, причината не е во способноста или продуктивноста на македонските работници, туку во односот на државата кон трудот и платите.

– Србија не ни бега затоа што работниците таму се поспособни. Ни бега затоа што таму минималната плата стана економска и политичка цел, а кај нас сè уште се третира како трошок што треба што повеќе да се контролира – вели Пешевски за весникот „ВЕЧЕР“.

Според него, токму тука треба да се бара суштинската разлика меѓу македонскиот и српскиот модел. Додека Белград минималната плата ја користи и како инструмент за зголемување на животниот стандард и задржување на работната сила, во Македонија зголемувањето на платите, според синдикалецот, сè уште се гледа првенствено низ призмата на трошокот за работодавачите.

Пешевски смета дека Македонија не смее да дозволи минималната плата да биде конкурентска предност на економијата.

– Кога Србија го крева минималецот на 600 евра, Македонија не смее повторно да биде последна во регионот. Работникот во Македонија не е поевтин човек и не смее неговата сиромаштија да биде конкурентска предност на економијата. Ако има пари за субвенции, инвестиции и профити – мора да има и пари за достоинствена плата – вели Пешевски.

Според него, барањето за 600 евра не треба да се гледа како крајна цел, туку како почетна точка.

– Ние не се бориме само за минималец од 600 евра. Цело време потсетуваме дека минималната плата е основица за пресметка, додека сите останати плати треба да растат потоа согласно со колективните договори или договорите за вработување – посочува тој.

Проблемот станува уште посериозен кога минималната плата ќе се спореди со реалните трошоци за живот. Според последните податоци на ССМ, синдикалната минимална кошница во април 2026 година достигнала 68.797 денари, а со трошок за изнајмен стан од 60 квадратни метри се искачува на 84.172 денари. Тоа значи дека за покривање на основните трошоци на едно четиричлено семејство се потребни повеќе од две и пол минимални плати.

Оттука, математиката е сурова: минималец од 26.046 денари и кошница од речиси 69 илјади денари значи дека еден работник на минимална плата не може сам да ги покрие ниту основните месечни трошоци на едно просечно домаќинство. И токму ова, според Пешевски, е еден од клучните фактори за иселувањето.

– Работниците што заминаа се дополнителен товар врз економијата бидејќи не може Македонија да се натпреварува со регионот со евтин работник и ниска плата – вели тој.

Проблемот не е само со работниците кои веќе заминале. Уште поголем е ризикот оние што денес влегуваат на пазарот на трудот да не гледаат перспектива да останат.

– Ако сакаме силна економија – мора да имаме силно платен работник. Ако сакаме младите да останат – мора да им дадеме причина да останат. Ако сакаме достоинствен живот – мора да обезбедиме достоинствена плата – порачува Пешевски.

Во меѓувреме, разликата со Србија станува особено интересна. Од јануари 2027 година таму минималната плата треба да достигне 600 евра. Македонија, пак, по мартовското усогласување останува на околу 424 евра.

– Шестотини евра во Србија не треба да биде причина за завист. Треба да биде предупредување за Македонија – вели Пешевски.

Според него, државата има и фискален интерес од зголемувањето на платите бидејќи повисоките плати значат и повисоки придонеси и даночни приходи. Тој тврди дека доколку Владата го прифатела договореното зголемување на минималните плати, во буџетот би се вратиле значителни средства преку даноците и придонесите. Тој проценува дека станува збор за повеќе од 200 илјади работници и за потенцијални значителни буџетски приходи преку придонесите и даноците.

– За крај, потсетувам дека доколку годинава, не нè одбиеше Владата за она што го договоривме со работодавачите, таа ќе добиеше помеѓу 5 и 18 проценти по основ на ДДВ за тоа зголемување на работничките плати, кое ќе го вратевме повторно во буџетот – вели Пешевски.

Пешевски предупредува дека без политичка волја, тешко може да се промени состојбата, а синдикалците тешко ќе можат да ги надгласаат работодавачите.

– Сè додека премиерот гледа на работниците како трошок, а не инвестиција, ќе имаме само одлив на работници и тонење во кредити. Работа која нема да биде завршена, а ќе чини повеќе – вели тој.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img