Аеродромите во Скопје и Охрид бележат историски раст на авиосообраќајот, со повеќе од два милиони патници во првите шест месеци од годинава и зголемување од 32 проценти во однос на истиот период лани, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, резултатите се должат на новата политика за привлекување и субвенционирање директни авиолинии, со што во изминатите година и пол се воведени 28 нови авиодестинации, а со зимскиот ред на летање се очекува и нови дестинации, што значи дека до крајот на годината може да се стигне и до 4 милиони патници.
Одговарајќи на новинарски прашања по работната посета на М-НАВ, Николоски посочи дека со изборот на Владата во 2024 година се прави анализа на воздушниот сообраќај и воведена е нова политика на привлекување и субвенционирање на нови директни летови, што го даде својот резултат.
“Од двата аеродроми имаме 28 нови дестинации во изминативе година и половина. Сериозен раст на авиосообраќајот, минатата година имаше голем раст, оваа година има историски раст. Оваа година двата аеродроми заедно во првите шест месеци имаат раст од 32 проценти“, изјави Николоски.
Гледано во апсолутни бројки, нагласи Николоски, минатата година достигнавме 3 милиони патници, а годинава веќе сме над 2 милиони патници, што значи дека до крајот на годината може да стигнеме до 4 милиони патници.
„Ако тоа не се случи во 2026, тогаш сигурно во 2027 година ќе стигнеме до четири милиони патници, што е огромна бројка, имајќи во предвид дека вкупното население во државата е 1,8 милиони“, нагласи Николоски.
Аеродромите во Скопје и Охрид, посочи Николоски, се најбрзо растечки во своите категории и постигнаа апсолутни рекоди во јули.






