домаМакедонијаМеџити: Охридскиот договор не е историја, денес го претвораме во закони, инвестиции...

Меџити: Охридскиот договор не е историја, денес го претвораме во закони, инвестиции и еднаквост

- Advertisement -spot_img

По повод одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, Изет Меџити, истакна дека историскиот договор од 2001 година не треба да се гледа како документ замрзнат во времето, туку како процес кој бара постојан развој и прилагодување на потребите на граѓаните и на европските демократски стандарди.

Меџити оцени дека Охридскиот договор стави крај на конфликтот од 2001 година и ги постави темелите на нов концепт на државата, во кој мултиетничкиот карактер на општеството треба да биде одразен во институциите, законите и јавниот живот. Според него, за Албанците, договорот отвори значаен процес на институционална еднаквост преку правичната и соодветната застапеност, употребата на албанскиот јазик, децентрализацијата, образованието, културата и учеството во процесите на донесување одлуки.

Зборувајќи за развојот во последните две години, Меџити истакна дека земјата влегува во нова фаза, во која целта е принципите на Охридскиот договор да не останат само административни механизми, туку да се претворат во одржливи законски и институционални гаранции.

Како пример ја издвоил правичната и соодветната застапеност, нагласувајќи дека Владата го усвоила законското решение за ова прашање, со што ова право се издигнува од ниво на административен механизам на ниво на јасна законска обврска за државните институции.

„Еден механизам може да се промени, може да се злоупотреби и може да зависи од волјата на една институција. Принципот поставен во законска рамка добива стабилност, институционална одговорност и инструменти за негово спроведување“, истакна Меџити.

Тој се осврна и на употребата на албанскиот јазик, нагласувајќи дека денес станува збор за право уредено со закон и за обврска на институциите да го применуваат во пракса. Според него, институционалната одговорност е да се надминат пречките и недостатоците што се појавуваат при неговото спроведување.

Значаен дел од своето обраќање Меџити ѝ посвети на децентрализацијата, која ја оцени како една од суштинските димензии на Охридскиот договор. Тој истакна дека не е доволно на општините само формално да им се пренесат надлежности, туку мора да им се обезбедат и финансиски капацитети за нивно спроведување.

Во таа насока, Меџити ја спомена владината програма за финансирање капитални проекти на локално ниво, преку која, според него, се ставени на располагање над 250 милиони евра за локални проекти, вклучително и за патишта, водоводи, канализации, училишта, градинки и друга јавна инфраструктура.

Тој нагласи дека во овој модел на финансирање, општините со албанско мнозинство и општините во кои Албанците претставуваат значаен дел од населението го добиле својот дел на правичен и пропорционален начин, при што ги посочи Чаир, Тетово, Гостивар, Струга, Сарај, Липково и други општини.

„Кога една општина гради училиште, градинка, пат или водовод со средства обезбедени за локален развој, тогаш децентрализацијата повеќе не е само правен концепт. Таа станува конкретен дел од животот на граѓанинот“, рече Меџити.

Во рамки на рамномерниот развој, тој ги издвои и стратешките инвестиции во инфраструктурата, особено Коридорот VIII, кој, според него, создава значајна развојна оска што ги поврзува Куманово и Скопје со Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, до Ќафасан и понатаму кон Јадранското Море преку Албанија.

Меџити ја спомена и автопатската делница Скопје–Блаце, нагласувајќи дека работите на новата делница започнуваат токму во месецот на 25-годишнината од Охридскиот договор. Според него, оваа инвестиција ќе ја подобри поврзаноста на Скопје со Косово, ќе го олесни движењето на луѓето и стоките и ќе создаде нови можности за економски развој на регионот.

Во областа на образованието, Меџити ја издвои како стратешка инвестиција изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во вредност од 42 милиони евра.

„За првпат е направена ваква инвестиција во образованието на албански јазик“, истакна Меџити, оценувајќи го кампусот како инвестиција не само во високото образование, туку и во албанскиот јазик и во младите генерации кои ќе ја градат иднината на земјата.

Тој нагласи дека ако Охридскиот договор го отвори патот за унапредување на образованието и употребата на албанскиот јазик, одговорноста на институциите денес е овие права да бидат поддржани со силни институции и современа инфраструктура.

На крајот, Меџити се осврна и на културата, јазикот и идентитетот, нагласувајќи ја важноста од поддршката на фестивалите, саемите на книгата, изданијата, уметниците и албанските културни манифестации.

Според него, 25-годишнината од Охридскиот договор треба да послужи не само како момент за потсетување на постигнувањата од минатото, туку и како почетна точка за нова фаза, во која еднаквоста, застапеноста, децентрализацијата, образованието, културата и рамномерниот развој ќе се зајакнуваат преку институции, закони и конкретни инвестиции.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img