домаМакедонијаНе расте бројот на случаите, туку бруталноста, околу 50 пријави за врсничко...

Не расте бројот на случаите, туку бруталноста, околу 50 пријави за врсничко насилство годишно

- Advertisement -spot_img

Во последните три учебни години во училиштата просечно се пријавуваат по околу 50 случаи на врсничко насилство годишно, што според министерката за образование и наука Весна Јаневска покажува дека обемот на насилството не расте, но загрижува фактот што во дел од пријавените случаи се зголемува неговата бруталност. На потребата од посилна превенција, поголема вклученост на младите и навремено препознавање на причините за насилното однесување денеска во Охрид говореа Јаневска и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на дискусијата со млади за меѓуврсничкото насилство и вандализмот.

Превенцијата мора да почне во училиштето, но и навреме да се препознаат проблемите што децата ги носат од семејството, заклучија двете носителки на власт.

„Очигледно е дека имаме предизвик и мораме да го решаваме. Ценам дека најважни во борбата против врсничкото насилство се превентивните активности. Затоа, со законските измени од минатата година ги задолживме училиштата во своите годишни програми да планираат активности за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично“, рече Јаневска.

Таа информираше дека се зајакнуваат стручните служби со ангажирање кадар таму каде што недостига, а повторно се воведени и дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и училишните дворови, наместо оваа обврска да ја извршуваат ученици. Како една од главните причини за врсничкото насилство, Јаневска го посочи семејното насилство и недостигот од соодветна грижа за децата во дел од семејствата.

На дискусијата во вилата „Билјана“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предупреди дека начинот на кој младите го доживуваат насилството е под влијание и на нивната постојана изложеност на насилни содржини во медиумите, филмовите и социјалните мрежи.

„Кога ќе го легитимирате насилството, тогаш не се чудете на ништо. Кога ќе ве бомбардираат во филмовите, во сликите, во видеата, на мрежите со слики, тогаш ќе помислите: па да не живееме во војна на световите. Секако, тоа влијае на реалноста“, рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката нагласи дека справувањето со врсничкото насилство не може да се сведе само на бројки и статистики, бидејќи зад секој пријавен случај стои конкретно дете и конкретна животна приказна. Таа ја истакна важноста на непосредниот човечки контакт, но и потребата да се препознае штетата од вербалното насилство и говорот на омраза, особено во дигиталниот простор.

ИПСОС : Осум од десет Македонци бараат ограничување на социјалните мрежи за децата

Последните случаи на врсничко насилство во Македонија во кои тепачките не само што се снимаат туку и се објавуваат или пренесуваат во живо на Инстаграм и ТикТок, ја отворија дилемата дали на децата треба да им се дозволи неограничен пристап до социјалните мрежи. Наместо тие да бидат место за дружење и комуникација, сè почесто стануваат простор каде насилството добива публика, а сторителите дополнително внимание. Истражувањето на Ипсос, спроведено на национално репрезентативен примерок од 1.100 испитаници, покажува дека македонската јавност има речиси единствен став. Дури 82 проценти од граѓаните ја поддржуваат идејата за ограничување на користењето на социјалните мрежи за малолетници, додека само девет проценти се против таква мерка. Истражувањето покажува дека поддршката е речиси универзална, без разлика на возраста, образованието, регионот или семејниот статус на испитаниците.

„Резултатите од истражувањето покажуваат дека македонската јавност има исклучително силен и недвосмислен став кога станува збор за заштитата на децата во дигиталниот простор. Дури 82 проценти од граѓаните ја поддржуваат идејата за воведување ограничувања за користење на социјалните мрежи кај малолетниците, што претставува едно од највисоките нивоа на поддршка забележани во меѓународни рамки“, вели за „Вечер“ Билјана Петрова од Ипсос.

Според неа, резултатите не треба да се толкуваат како отпор кон технологијата, туку како порака дека граѓаните бараат рамнотежа меѓу придобивките од дигиталниот свет и заштитата на децата. Таа додава дека мнозинството испитаници сметаат оти ограничувањата треба да важат најмалку до 14 или 16-годишна возраст. Тоа го потврдуваат и податоците од истражувањето. Од испитаниците кои поддржуваат ограничување, 31 процент сметаат дека границата треба да биде до 14 години, а 30 проценти до 16 години. Дополнително, секој петти испитаник смета дека децата не треба да користат социјални мрежи сè до полнолетството.

Неодамна Франција стана првата земја во Европската Унија што усвои закон со кој на децата помлади од 15 години им се забранува користење на социјалните мрежи. Законот предвидува и забрана за користење мобилни телефони во средните училишта, а француската влада образложи дека целта е заштита на младите. (П.А.)

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img