Популарната американска инфлуенсерка и тикток-ѕвезда Сидни Тол почина на 26-годишна возраст по тешка борба со ракот, оставајќи повеќе од милион следбеници во шок.
Веста за нејзината смрт ја потврди нејзиното семејство, само еден ден откако беше префрлена на палијативна нега. Во емотивна порака, тие се збогуваа со неа велејќи: „Секогаш неизмерно ќе те сакаме. Многу сум горди на тоа колку храбро се бореше.“
Сидни Тол се соочи со тешка дијагноза во 2023 година. Откако првично веруваа дека има едноставна хернија, лекарите ѝ дијагностицираа холангиокарцином, редок и екстремно агресивен рак на жолчниот канал во четврта фаза.
Лекување во Њујорк
И покрај тешката болест, таа се пресели во Њујорк за да започне со лекување, а истовремено стана едно од најпознатите лица во заедницата CancerTalk. На социјалните мрежи, таа отворено ја покажуваше својата секојдневна борба, зборувајќи за исцрпувачките хемотерапии, но и за моментите кога, помеѓу болничките лекувања, патувала и шетала по модните писти, пружајќи поддршка и надеж на луѓето кои поминуваат низ слична животна борба.
Покрај борбата против болеста, таа се соочуваше и со бројни напади на интернет. Некои корисници на Редит ја обвинија дека „се преправа и ја користи болеста за сочувство и пари“.
Напади на интернет
Поради ваквите обвинувања, реагираше и нејзиниот онколог, д-р Гасан Абу-Алфа, кој јавно застана во нејзина одбрана и порача дека фактот што млада личност може да изгледа добро однадвор не значи дека не се бори со тешка и сериозна болест.






