Во Бугарија беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Друштвото на писателите на Македонија, со што беше воспоставена цврста основа за понатамошно унапредување на соработката во областа на културата, книжевноста и промоцијата на македонското духовно и литературно творештво.
Меморандумот го потпишаа директорот на македонскиот КИЦ во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски, и претседателката на ДПМ, Гордана Јовиќ-Стојковска.
Меморандумот предвидува развивање на соработка во организирањето книжевни промоции, авторски средби, трибини, научни конференции, изложби, литературни фестивали, преведувачки проекти, издавачки иницијативи и други културни содржини, кои ќе придонесат за афирмација на современата македонска литература и нејзино претставување пред меѓународната јавност. Истовремено, документот отвора можности за продлабочување на соработката меѓу писателите, книжевните истражувачи, преведувачите и културните работници, како и за заедничко аплицирање на проекти од национален и од меѓународен интерес.
Во рамките на средбата, во просториите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Јовиќ-Стојковска врачи донација од изданијата на ДПМ, наменета за библиотеката на Центарот. Со оваа донација, библиотечниот фонд е збогатен со значаен број книжевни изданија, поетски и прозни дела, антологии и публикации од современата македонска литература, кои ќе бидат достапни за посетителите, студентите, истражувачите и за сите љубители на македонската книжевност.
Потпишувањето на меморандумот е уште една потврда дека културната дипломатија и институционалната соработка имаат суштинска улога во афирмацијата на македонските културни вредности надвор од државата. Преку заедничките активности што ќе произлезат од овој документ, Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Друштвото на писателите на Македонија ќе придонесуваат за поголема видливост на македонската книжевност, за промоција на македонските автори.






