Во изминатото деноноќие, заклучно со 7:30 часот утринава, на територијата на државата се регистрирани вкупно 20 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информациите, еден пожар сè уште е активен, еден е ставен под контрола, додека 18 пожари се целосно изгаснати.
Активен останува пожарот во општина Македонски Брод, кај селото Грешница, на локалитетот Стојанова Населба, каде што гори ниска вегетација, деградирана шума и грмушки.
Под контрола е ставен пожарот во општина Делчево, во близина на градската депонија.
Во текот на изминатите 24 часа изгаснати се 18 пожари во повеќе општини низ државата. Интервенции имало во Карпош, Петровец, Бутел, Битола, Богданци, Прилеп, Долнени, Кавадарци, Неготино, Виница, Зрновци, Липково, Кратово, Ранковце, Желино, Теарце и Гостивар, каде гореле ниска вегетација, грмушки, стрништа, депонии, отпад, слама и шумски површини.
Од ЦУК повторно апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни при движење и престој на отворено, бидејќи високите температури и сувото време значително го зголемуваат ризикот од избувнување и брзо ширење на пожари.






