Поради исклучително нискиот водостој на Дунав во Унгарија, пронајдени се остатоци од автомобил „Опел корса“, кој во септември 2013 година бил украден од пред семејна куќа во местото Соб, пренесува унгарскиот портал Blikk.
Возилото од реката го извлекле општинските противпожарни екипи од Вамошмикола и доброволните пожарникари од Наѓмарош. Нуркачите најпрво под вода ја прицврстиле олупината, а потоа со сајла и техничко возило ја извлекле на брегот и ја предале на полицијата. Од внатрешноста на автомобилот пожарникарите вратиле во реката неколку десетици риби, а во возилото била пронајдена и чантата на сопственикот заедно со неговиот паричник.
Сопственикот на автомобилот, Имре Пастор, денес пензионер, го идентификувал своето некогашно возило според регистарските таблички откако за пронаоѓањето го известил негов познаник. Самaта олупина била пронајдена на само стотина метри од куќата во која живеело семејството во времето на кражбата.
https://www.facebook.com/share/p/18xCqEAdJj
„Во мене се помешаа страшни чувства, дури и заплакав, а и сега ми е тешко да зборувам за тоа. Бевме многу врзани за тој автомобил“, изјавил Пастор за Blikk.
Присетувајќи се на ноќта кога останал без автомобилот, Пастор навел дека во доцните часови забележал сомнителни лица.
„Во доцните часови, околу полноќ, излегов во дворот да запалам цигара и видов двајца високи луѓе како се движат со челни ламби. Мислев дека соседите се подготвуваат за риболов, па не им се ни обратив, но подоцна сфатив дека тоа биле крадците“, рекол Пастор, додавајќи дека истата ноќ било провалено во повеќе гаражи во улицата.
Полициската истрага била прекината еден месец по пријавувањето на кражбата, бидејќи сторителите никогаш не биле идентификувани. Сопственикот претпоставува дека автомобилот бил украден и фрлен во реката поради скапите резервни делови што ги вградил непосредно пред исчезнувањето на возилото. Транспортот на олупината од брегот на Дунав сега ќе мора да го организира самиот тој.






