Во заедничка акција на црногорската Управа на полицијата и американското Федерално истражно биро (ФБИ), синоќа во Подгорица бил лоциран и уапсен Н.К. (54), кого Соединетите Американски Држави го бараат поради сомнение за шест тешки кривични дела.
Како што информираат црногорските медиуми, апсењето го извршиле службеници на тимот ФАСТ за целни потраги при подгоричкиот Интерпол. Акцијата била спроведена врз основа на оперативни информации разменети со ФБИ и меѓународна потерница распишана од Интерпол Вашингтон, по налог на суд во Њујорк.
ГО БАРААТ ЗА ШЕСТ КРИВИЧНИ ДЕЛА
Н.К. во САД се товари за две кривични дела разбојничка кражба извршена во соизвршителство, злоупотреба на пасош, тешка кражба на идентитет и две кривични дела лихварство.
Според американското законодавство, за секое од наведените кривични дела поединечно е предвидена затворска казна до 20 години.
Од полицијата откриваат и дека за време на извршувањето на едно од делата, бегалецот со автомобил се обидел да ѝ избега на полицијата во Њујорк, при што во населбата Квинс усмртил еден граѓанин.
СЕ КРИЕЛ ПОД 29 РАЗЛИЧНИ ЛАЖНИ ИДЕНТИТЕТИ
За време на бегството и криењето, покрај своето вистинско име, осомничениот наводно користел дури 29 различни лажни идентитети со цел да им го отежне пронаоѓањето на истражителите.
Американската потерница станала достапна за подгоричкиот Интерпол на 18 ноември. По нејзиното добивање, следувала брза размена на информации со ФБИ, по што бил лоциран во еден објект во Подгорица.
По апсењето, Н.К. треба да биде изведен пред судија на претходна постапка при Вишиот суд во Подгорица. Потоа ќе следува постапка за негово екстрадирање пред правосудните органи на Соединетите Американски Држави.






