Нема дилеми дека Шкендија и ова лето со успех го претставува мак – фудбалот во фудбалска Европа. Првите две квалификациски кола во Лигата на Конференции се минати, а сега на ред е третата рунда и тоа против составот на Хиберниан од Шкотска.
Првит меч се игра на 6 август (четврток) во Единбург од 21 часот, додека реваншот е на 13 август во Скопје. Интересно е тоа што меѓу овие два меча со Шкотите, тетовци ги чека мега – дербито со Вардар во рамките на 2.коло во ПМФЛ, кое е закажано за 9 август (недела) во Скопје.
Поради вака збиениот распоред, раководството на Шкендија донело одлука за Шкотска да се патува со чартер лет и тоа во среда сабајле од Скопје за Единбург, градот од каде е Хиберниан. По завршување на натпреварот во четврток вечерта, експедицијата на Шкендија веднаш се враќа за Македонија каде прво ќе се подготвува за дербито со Вардар а потоа и за реваншот со Хиберниан.
Ете, така прават големите клубови. Тие кога имаат вака збиен или згуснат распоред не ризикуваат ништо, не сакаат играчите да им се “мрцвалат“ по аеродромите низ Европа и ангажираат чартер.
Секако дека ова е добра вест за стручниот штаб на чело со Артим Положани и секако играчите на Шкендија.
Инаку веќе утре во Нион, каде во 14 часот ќе се одржи ждрепката, ќе се дознае можниот противник на Шкендија во плеј – офот во Лигата на Конференции.






