домаМакедонијаВозила на бугарската амбасада биле оштетени во сообраќајни незгоди, дали амбасадорот Радуков...

Возила на бугарската амбасада биле оштетени во сообраќајни незгоди, дали амбасадорот Радуков бил зад воланот?!

- Advertisement -spot_img

На крајот на минатата и почетокот на оваа година, 2 возила во сопственост на Амбасадата на Бугарија, марка BMW 5, биле оштетени, поради што била пријавена штета во осигурителна компанија, која направила пресметка и изршила исплата, која за вториот случај изнесувала 15 илјади евра, од причина што била потребна замена или поправка на дури 41 дел од автомобилот со дипломатски таблички, дознава „Фокус“. Според нашите информации, таквиот епилог бил резултат на сообраќајна незгода во центарот во Скопје, која не била пријавена во МВР веројатно бидејќи не станува судар меѓу возила, туку за удар во статичен објект. Се обративме до Амбасадата, но досега не добивме одговор дали амбасадорот Жељаско Радуков го управувал возилото.

Пред неколку месеци, пишувавме за случајот со македонскиот амбасадор во Руската Федерација, Ненад Колев, кој предизвикал одреден инцидент во алкохолизирана состојба среде Москва, односно предизвикал судар управувајќи дипломатско возило.

Иако беше симптоматично тоа што овие информации, првично пласирани од регионални медиуми со проруска и антинато ориентација, излегоа во време кога Македонија водеше стратешки дијалог со САД, сепак, никој не го оспори делот дека овој непријатен настан поврзан со Колев навистина се случил пред околу 2 години.

– Advertisements –

Тогаш, изостана било каква реакција или објаснување од страна на се уште актуелниот македонски амбасадор во Русија, додека од Министерството за надворешни работи посочија дека побарале „детални и целосни и информации“ во врска со случајот, по што ќе биде донесена „соодветна одлука“.

Сепак, оттогаш до денес поминаа повеќе од 3 месеци, но јавноста не дозна дали и евентуално каква одлука е донесена од страна на МНР во врска со Колев, кој се уште официјално фигурира како амбасадор на Македонија во Русија.

Имено, Етичкиот кодекс за вработените во МНР, меѓу кои влегуваат и дипломатите, покрај останатото, предвидува дека тие треба да се однесуваат согласно принцпите на законитост, професионалност, ефикасност, одговорност, но и да имаат „висок морал“, при што мора да внимаваат на угледот на дипломатската служба.

– Advertisements –

Па, така, Членот 17 од Кодексот пропишува дека вработениот нема да се ангажира во било какви активности што се спротивни на вршењето на неговите службени должности и дека „ќе стори се да ги избегне ситуациите и однесувањата што можат да наштетат на интересот, угледот и интегритетот на македонската дипломатска служба“.

„Вработениот надвор од службата ќе се однесува примерно и достоинствено и ќе избегнува активност и однесување со кои може да се намали довербата и да се наруши угледот и интегритетот на македонската дипломатска служба“, гласи Член 21 од Кодексот.

Арно ама, прекумерно конзумирање на алкохол на јавно место и управување на дипломатско возило во таква состојба слободно може да се оцени како нарушување и на интересот и на угледот и на интегритетот на македонската дипломатска служба, но сосема истото важи и за дипломатските мрежи на други држави во Македонија.

Впрочем, последните информации до кои дојде „Фокус“ сугерираат дека можеби се случиле настани од слична природа и во земјава, имајќи во предвид дека возила во сопственост на амбасада на соседна држава биле значително оштетени.

Станува збор за 2 возила во сопственост на Амбасадата на Р.Бугарија, кои, според нашите сознанија, при преминот од ланската 2025 кон тековната 2026 година претрпеле сериозни механички оштетувања, поради што било активирано каско-осигурување, односно била пријавена и потоа исплатена штета.

Како што дознаваме, првиот, условно кажано, инцидент се случил кон крајот на ланската 2025 година, кога на 1-ви декември во една од осигурителните компании е креиран предмет за возило марка BMW 5 со дипломатски регистарски таблички, кое до тој момент имало поминати 49.708 километри, но и на своето конто веќе нанижало една сообраќајна несреќа.

Тогаш, според добро упатени извори, се направила пресметка за исплата од 85.944 денари или околу 1.397 евра, при што се наведени 13 делови-парчиња од автомобилот со назив, шифри и спецификација, кои требало да се заменат со нови или делови кои требало да се фарбаат и монтираат.

Но, посочуваат нашите соговорници, уште поголема штета во истата осигурителна компанија била пријавена следниот месец, така што на 15-ти јануари годинава е креиран предмет за друго возило во сопственост на бугарската амбасада, исто така марка BMW 5, со дипломатски регистарски таблички.

Патем, додаваат тие, по активирање на каско-осигурувањето за ова возило, со поминати 6.069 километри и веќе регистрирана една сообраќајна несреќа, била направена пресметка од 737.705 денари или околу 11.995 евра, но на крајот била исплатена штета од околу 15.000 евра, бидејќи потребна била замена на 41 дел од автомобилот.

Со оглед дека очевидци кои биле сведоци на сообраќаен инцидент во кој било вклучено второто дипломатско возило, тврдат дека се работи за сообраќајна незгода што се случила во центарот на Скопје, при што возилото удрило во статичен објект-бандера (веројатно бидејќи не е судар меѓу возила случајот не е пријавен во полиција), се обративме до Амбасадата на Бугарија во земјава.

Прво, прашавме дали е точно дека 2 возила марка BMW 5 со дипломатски регистарски таблички, во сопственост на Амбасадата на Р. Бугарија, биле вклучени во одделни сообраќајни незгоди во периодот декември 2025-јануари 2026 година, поради што потоа било активирано каско-осигурување за нив, била направена процена и била исплатена штета?

Потоа, прашавме кога точно се случиле овие сообраќајни инциденти, во какви околности и поради кои причини настанале тие? Исто така, не интересираше и кој управувал со двете возила, односно дали со нив управувал амбасадорот Жељаско Радуков?

На крајот, побаравме коментар и за видеата што неодамна се појавија на социјалните мрежи од приватен настан, каде е присутен и амбасадорот Радуков, кој пее песни, а на масата може да се забележи и алкохол. Конкретно, побаравме коментар во однос на нивната содржина и на мотивите на оној што ги направил и дистрибуирал.

Досега, не добивме одговори на ниту едно од овие прашања, вклучително и на прашањето дали во рамки на бугарското МНР била отворена одредена постапка во контекст на видеата со амбасадорот во Македонија, од аспект дали можеби е прекршен Етичкиот кодекс за однесување на дипломатите?

Исто така, и овој Кодекс, слично како и македонскиот, налага заштита на угледот на дипломатската служба, така што дипломатите треба со своето однесување да го чуваат угледот на дипломатската служба како во земјата, така и во странство.

Што се однесува до Радуков, тој стана бугарски амбасадор во Македонија во 2024 година, наследувајќи го Ангел Ангелов. Според официјалните информации, тој е дипломат од кариера со искуство во повеќе области на односите меѓу Бугарија и земјите од Западен Балкан.

Тој ја почнал професионалната кариера во директоратот на бугарското МНР за Југоисточна Европа, каде што во различни периоди бил одговорен за Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, а работел на серија прашања од билатералните односи со овие земји, вклучително и нивната европска димензија.

Во Македонија, пак, Радуков бил трет секретар во бугарската амбасада во периодот од 2010 до 2013 година, по што бил прв секретар во Амбасадата на Бугарија во Белград. Од 2021 година, тој е одговорен во бугарското МНР за Македонија, односно за билатералните односи, но и за европскиот контекст.

Меѓу другото, Радуков имал клучна улога и во креирањето и спроведувањето на европскиот компромис од 2022 година познат како „ француски предлог“, додека истовремено е и организациски секретар на Мешовитата историска комисија со Бугарија.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img