Само неколку секунди снимка од безбедносните камери на едно полициско возило беа доволни Основниот суд во Гостивар да го прогласи за виновен поранешниот службеник на Полицијата во Кичево, Ардијан Пињоли, во случајот со кражбата на 18 килограми злато во Гостивар, осудувајќи го на пет години затвор. Според Основниот суд во Гостивар, Пињоли го употребил службеното возило „Chevrolet Spark“ за да им помогне на маскираните разбојници, исклучувајќи ја полициската радио-врска и отворајќи им пат на возилата „BMW X5“ и „VW Sharan“.
Сепак, неговото семејство и Народниот правобранител тврдат дека станува збор за монтиран процес и неправедна одлука. Сопругата на Пињоли, го обвинува судот дека ги игнорирал доказите кои, според неа, го исклучуваат нејзиниот сопруг од настанот, вклучително и сведочењата на колегите, телефонските листинзи и снимките од безбедносните камери.
„Барам надлежните органи да дојдат и да го разгледаат случајот, особено Вишото јавно обвинителство и Судскиот совет! Да се види како е работено на овој случај по 10 месеци борба… Во денешната пресуда ништо не се однесува на мојот сопруг. Ја опишале кражбата и делото на другиот полицаец, кој самиот го признал делото!“, вели Салије Пињоли.
Сомнежи за монтиран процес има и заменик-народниот правобранител Илбер Руфати, кој внимателно ја следел секоја судска расправа и вели дека во ова судење има тешки законски прекршувања.
„Уште од почетната фаза на постапката и во рамките на нашите уставни и законски надлежности, евидентирав низа околности што покренуваат сериозни сомнежи во однос на почитувањето на стандардите за уредна и правична постапка. Од анализата на документацијата произлегува дека во текот на истражната постапка биле земени предвид само одредени делови од изјавите на некои сведоци, додека нивните искази не биле оценети во целост, а доказите и фактите што можеле да придонесат за утврдување на материјалната вистина не биле целосно прибрани или оценети.“, вели Илбер Руфати.
Грабежот од 10 октомври 2025 година доведе до апсење на двајца полицајци. Додека првиот полицаец призна сè и беше осуден во забрзана постапка, Ардијан Пињоли – кој одби да го признае кривичното дело – денес се соочи со пресуда од 5 години затвор, во постапка во која одбраната тврди дека фактите биле отстранети од масата на судиите.
Во меѓувреме, четворицата маскирани лица кои се гледаат на безбедносните снимки како влегуваат во златарницата и го извршуваат грабежот, сè уште не се уапсени од полицијата и продолжуваат да бидат во бегство.






