Комисијата за заштита на конкуренцијата, институцијата задолжена да спречува нефер трговски практики и да ја штити конкуренцијата на пазарот, набавила три мобилни телефони со технички спецификации што упатувале на конкретен производител и конкретни модели, што е спротивно на Законот за јавни набавки.
Ова е еден од наодите во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој ги ревидирал финансиските извештаи и законитоста во работењето на Комисијата за 2024 година.
Според ревизорите, договорниот орган ги дефинирал техничките спецификации на начин што фаворизирал одреден производител, иако законот изрично забранува услови што би можеле да ограничат конкуренција или да елиминираат други економски оператори. За набавката бил склучен договор вреден 209 илјади денари со ДДВ.
Ревизијата утврдила неправилности и при набавката на такси-превоз. Иако како критериум бил предвиден најдобриот однос меѓу цената и квалитетот, во тендерската документација не бил објаснет начинот на кој ќе се доделуваат бодовите. За цената биле предвидени најмногу 40 бода, а за квалитетот 60, но без јасна методологија за оценување.
Според ДЗР, ваквиот пристап остава простор за ограничување на конкуренцијата и фаворизирање на одредени понудувачи. Договорот за такси-превоз изнесувал 210 илјади денари со ДДВ.
Ревизорите утврдиле и низа слабости во работењето на Комисијата. Материјалната и сметководствената евиденција не била усогласена, не бил осигуран имотот на институцијата, а не постоела ниту единствена евиденција за предметите и изречените глоби, што, според ДЗР, може да доведе до ненавремена наплата или нивно застарување.
Во текот на ревизијата Комисијата подготвила евиденција за активните предмети во 2024 година, во која се наведени издадените решенија, висината на глобите и статусот на секој предмет.
Дополнително, ревизорите констатирале дека Комисијата не водела евидентен лист за присуство на вработените, иако тоа е законска обврска. Од институцијата не ги доставиле дневните листи за 2024 година, со образложение дека поминало подолго време и не можеле да ги пронајдат. На увид биле доставени само евиденции за три месеци од 2025 година, во кои, како што наведува ДЗР, не било евидентирано присуството на членовите на Комисијата.
Во 2024 година, кога била спроведена ревизијата, во Комисијата биле вработени 25 лица.
Поради утврдените неправилности, Државниот завод за ревизија даде мислење со резерва и за финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста на работењето на Комисијата со законите, подзаконските акти и воспоставените политики.






